logo
logo
logo

Косовската опозиција го критикува Курти и амбасадорот во Загреб за финансиска афера

Vecer | 11.01.2023

Косовската опозиција го критикува Курти и амбасадорот во Загреб за финансиска афера

Членот на претседателството на ДСК Џафер Тахири на прес-конференција изјави дека последната изборна кампања на Курти била финансирана со сомнителни пари, оценувајќи дека скандалот е сѐ поголем и поголем, пренесува порталот повикувајќи се на приштинска Коха.

„Според последните информации, станува збор за 100 милиони евра од компанијата ГЕН, за која се сомничи дека ја финансирала кампањата на Курти преку својата подружница во Тирана, каде се префрлени 14 милиони евра“, рече Тахири и го поврза обвинението со извештајот на Словенечкиот портал Права.

Тахири побара од извршните власти во Приштина да ги истражат тие наводи, кои, според него, го поткопуваат интегритетот на косовската влада.

Потпретседателката на Демократската партија на Косово (ДПК), Влора Читаку, побара истрага и разрешување на косовскиот амбасадор во Хрватска, Мартин Беришај, кој беше назначен од премиерот Курти, тврдејќи дека новите факти ја докажуваат неговата вмешаност во скандалот.

Се сомнева дека Беришај од 2019 година до април 2022 година примил најмалку 1,5 милиони евра од компанијата ГЕН, избегнувајќи даночни обврски, а оваа сума не ја пријавил во Косовската антикорупциска агенција, јавуваат косовските медиуми.

Портпаролот на косовската влада Перпарим Криезиу ги нарече невистинити тврдењата на словенечкиот портал Права дека премиерот Албин Курти добил милиони евра од компанијата ГЕН за кампањата на неговото движење Ветевендосје (Самоопределување).

Косовските медиуми јавуваат дека финансискиот скандал поврзан со амбасадорот Беришај првпат бил пријавен во април минатата година, во пресрет на претседателските избори во Словенија.

Тогаш беше објавено дека словенечкиот политичар Роберт Голоб вршел трансакции од српската филијала на компанијата МБ Консалтинг на ГЕН Беришај. Според тие извештаи, од неговата фирма биле подигнати 600.000 евра во кеш, за кои постои сомневање дека му се вратени на Голоб.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk