logo
logo
logo

Израелски весник:

Косово ја отворa амбасадата во Ерусалим во понеделник

Vecer | 12.03.2021

Косово ја отворa амбасадата во Ерусалим во понеделник

Косово во понеделник ќе отвори амбасада во Ерусалим, објави израелскиот весник „Израел Хајом“ (Израел денес), пренесува Н1.

Како што е наведено, амбасадата на Косово ќе биде трета во Ерусалим, бидејќи во тој град веќе се отворени амбасадите на САД и Гватемала.

На свеченото отворање во централниот дел на Ерусалим ќе учествуваат високи израелски и косовски дипломати.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го прогласи целиот Ерусалим само Израелски на крајот на 2017 година, а во мај 2018 година, таму беше отворена американската амбасада, а само два дена подоцна, амбасадата на Гватемала.

Израел го освои Источен Ерусалим во Шестдневната војна во 1967 година и потоа го анектираше, што меѓународната заедница не го призна.

И Белград и Приштина се обврзаа да отворат амбасади во Ерусалим со Вашингтонскиот договор од септември 2020 година, што не е во согласност со политиката на ЕУ.

Скоро сите земји кои имаат воспоставено односи со Израел имаат амбасади во Тел Авив.

Палестинците имаат намера да го направат Источен Ерусалим главен град на нивната идна држава, во која би биле вклучени Западниот брег и Појасот Газа. Сите овие територии беа освоени од Израел.

Западниот брег е окупиран, а Појасот Газа е под блокада на Израел од повлекувањето на израелската армија и евакуацијата на еврејските доселеници во 2005 година.

Израел и Косово воспоставија дипломатски односи на 1-ви февруари оваа година.

Израелскиот министер за надворешни работи Габи Ашкенази го опиша воспоставувањето на односите како важен историски чекор што рефлектира многу промени во регионот во последните неколку месеци.

Тој рече дека Косово официјално „се приклучи на кругот на земји кои се стремат кон мир и стабилност и ги признаваат Израел и Ерусалим за главен град на Израел“.

Весникот „Израел Хајом“ пишува дека во четвртокот министерот Ашкенази и премиерот на Чешката Република Адреј Бабиш присуствувале на отворањето на канцеларијата на амбасадата на таа земја во Ерусалим.

Истиот ден, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се состана со Бабиш и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Ерусалим и ги пофали двете земји за отворање канцеларии во градот, велејќи дека Израел ја почитува нивната помош на меѓународната сцена, „како што прават вистинските пријатели“.

Двајцата европски лидери пристигнаа во Израел за да дознаат повеќе за успешната кампања за вакцинација против ковид-19 во таа земја.

Извор: Н1

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk