– Одобрувањето на преговарачката рамка не значи и признавање на македонскиот јазик, рече Захариева додавајќи дека бил направен обид трите предлози да се обединат во еден, но тоа не успеало бидејќи „Продолжуваме со промената“ го смениле мислењето.
Кристијан Вигенин од БСП и поранешен министер за надворешни работи, истакна дека за нив предлозите од ГЕРБ-СДС и од ДПС се неприфатливи, додека предлогот на Иванов го оцени како добра основа, но се воздржа од гласање. Како што истакна, социјалистите не можат да се согласат на таков документ.
Од партијата „Има таков народ“ на Слави Трифонов рекоа дека се против трите предлози, а ист став имаа и претставниците на „Преродба“. Од „Има таков народ“ изразија став дека дебатата е беспредметна, затоа што Македонија веќе го одби францускиот предлог.
Трите предлози утре ќе влезат на дневен ред во Народното собрание на Бугарија и откако ќе се расправа за нив, еден од нив ќе биде усвоен, изјавија пратениците за МИА во Софија.
Тие ќе му дадат мандат на премиерот во оставка Кирил Петков да даде согласност на Бугарија на предлогот на француското претседателство со ЕУ за преговарачката рамка за почеток на преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ.