Во центарот на Солун беше забележана дива свиња како талка во раните утрински часови, а неколку минувачи ја снимија на централниот плоштад Аристотел.

Свињата најверојатно е дојдена од блиската шума, а потоа била забележана како талка низ најтесниот центар, пренесува грчкиот портал „Грик рипортер “

Дивите свињи се чести низ цела Грција, но претежно живеат во шумите, а многу невообичаена појава е да се види на централните плоштади во поголемите градови.

Според Христос Влахос, професор на Катедрата за земјоделство, шумарство и природна средина на универзитетот Аристотел, дивите свињи се честа закана низ цела Европа.

Тој исто така смета дека граѓаните не треба да имаат големи проблеми освен ако не предизвикаат паника или ако животното се чувствува загрозено, кога може да стане агресивно, а секако постои и проблемот со предизвикување сериозни сообраќајни несреќи.

Грчките земјоделци неодамна ги повикаа властите да преземат мерки за сузбивање на експлозивниот раст на популацијата на диви свињи, кои се одговорни за уништување на нивните посеви.

Овој проблем, велат тие, е многу голем во некои делови на Грција, бидејќи свињите кои избегале од сточарските фарми сега формирале стада диви свињи и резултира со „хибридни свињи“ кои се екстремно распространети и тоа создава многу проблеми во управувањето со нивната популација, и со оглед на тоа што се исклучително плодни.