Францускиот амбасадор во Србија Пјер Кашар смета дека поднесувањето барање за членство на Косово во Советот на Европа е еднострана одлука и додава дека Франција не поддржува еднострани потези.

Тој нагласи дека приоритет е дијалогот меѓу Белград и Приштина и дека итно треба да се даде нова динамика на дијалогот.

– Ги поддржуваме напорите на Мирослав Лајчак, ја поддржуваме поканата на Германија до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и до премиерот на Косово, Албин Курти. Кандидатурата за Советот на Европа е еднострана одлука и ние не ги поддржуваме тие одлуки и сметаме дека приоритет е дијалогот. Приоритетни теми се Заедницата на српските општини, енергетските прашања и прашањата на исчезнатите. Тоа ни е приоритет – рече Кошар гостувајќи во ТВ Нова С.

Тој нагласи дека владата во Приштина нема поддршка од Франција за поднесување на својата кандидатура до Советот на Европа, бидејќи едностраните потези може да доведат до зголемување на тензиите.

– Ги разбираме аспирациите за влез во европските институции и го поздравуваме фактот што тие се усогласија со европските позиции во однос на Украина. Сепак, едностраните потези не ги олеснуваат работите и можат да доведат до зголемени тензии, приоритет е дијалогот како што се води денеска од ЕУ, главно со посредство и поддршка на унијата – рече амбасадорот.

Запрашан дали Франција ќе гласа за влез на Косово во Советот на Европа, амбасадорот рече дека прашањето засега не се поставува бидејќи процесот на прием трае долго, бара мислење од Парламентарното собрание, а потоа се преиспитува кандидатурата.

– Приоритет на Франција е да направи се, заедно со нашите европски партнери, особено со Германија, да продолжи дијалогот на цврсти основи и тоа е она што е итно. Така што сметаме дека едностраните потези не се корисни и можат да го задушат и онака комплицираниот процес и кој не напредува многу во последните месеци – јасен е Кошар.

Амбасадорот потсети на средбата со директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ и изјави дека го обврзува да биде отворен во овој тежок дијалог што сака да го започнат.

– Нашите напори одат во таа насока и тоа е нашата цел – рече Кошар.

Фото: принтскрин јутјуб