logo
logo
logo

Големо невреме во Словенија: Поплавени куќи, однесени автомобили (ВИДЕО)

Vecer | 22.11.2022

Големо невреме во Словенија: Поплавени куќи, однесени автомобили (ВИДЕО)

Водата предизвикала штети на приземните станови и продавници, како и на автомобилите што сопствениците не ги отстраниле.

Во словенечките крајбрежни градови меѓу 6 и 7 часот наутро се огласиле сирени што ги предупредувале жителите на опасност од поплави поради плимата и осеката.

Морето направило најмногу проблеми во Пиран. Единиците за цивилна заштита заштитиле делови од градот со вреќи против поплави од предвидената екстремно висока плима, но морската вода навлегла и во атмосферската канализациона мрежа од која излегла на површина. Поплавени се станови на приземје и неколку продавници и ресторани.

Вреќи против поплави се поставени и во Изола, а морската вода делумно го поплавила патот. Во Копер морето ги поплавило пониските делови на брегот, а во текот на утрото морале да интервенираат пожарникарите поради штетите предизвикани од силниот ветер.

На мареографската станица во Копер денеска е измерено петтото највисоко ниво на морето од 1961 година, соопшти словенечката агенција за животна средина, а пренесува агенцијата СТА. Според агенцијата, причина за тоа се неколку фактори.

Поради близината на младата месечина, астрономската плима била висока. Покрај тоа, на Јадранот силно дува југо, на отворено море со брзина поголема од 100 километри на час. Според пресметките на експертите, нивото на водата е покачено за 40 сантиметри. Воздушниот притисок во утринските часови паднал за речиси 20 хектопаскали, што придонело за подигнување на нивото на морето за дополнителни 40 сантиметри, објаснуваат тие.

Според прогнозите на агенцијата, и денешните вечерни и утрински плими ќе бидат натпросечни, а може да има излевање и во четврток наутро.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk