logo
logo
logo

Голема акција на српската полиција: Во Белград уапсени десетици мигранти

Vecer | 25.11.2022

Голема акција на српската полиција: Во Белград уапсени десетици мигранти

Акцијата се одржала во парк во близина на белградскиот Економски факултет, кој често го користат мигрантите како едно од местата за собирање во главниот град на Србија.

Неколку групи мигранти собрани по околните улици биле задржани во паркот, опкружени со триесетина полицајци. Во текот на попладневните часови, мигрантите со автобуси се превезени до прифатните центри во Обреновац, Боговаѓа и Сјеница, каде според неофицијални информации ќе бидат евидентирани сите кои не се веќе во официјална процедура.

Акцијата за масовно апсење започна по вооружениот конфликт меѓу мигрантите во војводинското село Хоргош, во близина на унгарско-српската граница, каде доцна синоќа беше ранет 20-годишен млад човек.

Српскиот МУП испрати голем број припадници на специјалната полиција во областа, а според досегашните податоци приведени се над 600 лица. При претресот на теренот на повик на мештаните, полицијата на местото на пресметката пронашла шест мигранти, меѓу кои и еден со две прострелни рани.

Радиотелевизијата на Србија (РТС) во врска со ова соопшти дека во тек е голема оперативна акција во која се врши теренска потрага на поширокото подрачје на Хоргош и Суботица, на северот на Војводина.

Српскиот министер за внатрешни работи Братислав Гашиќ во Хоргош изјави дека „во Србија има нулта толеранција за секаков вид криминал“ и дека „безбедноста на секој граѓанин на Србија и неговиот имот ќе биде заштитена“.

Српската полиција е подготвена да одговори на безбедносните предизвици, особено во овој дел од нејзината територија, каде што се концентрирани голем број мигранти, рече тој. Србија, Австрија и Унгарија на 15 ноември во Белград потпишаа документ за зајакнување на трилатералната соработка во борбата против илегалната миграција, чија една од целите е поместување на граничната одбрана на југ.

Меморандумот за разбирање го потпишаа српскиот претседател Александар Вучиќ, австрискиот канцелар Карл Нехамер и унгарскиот премиер Виктор Орбан, а дел од договорот е заеднички полициски патроли да ја контролираат границата со Македонија.

На заедничката прес-конференција Орбан рече дека Србија има клучна улога во регулирањето на миграцијата бидејќи „ги штити Австрија и Унгарија и другите земји од Унијата“, наведувајќи дека годинава во соработка со Србија биле спречени 250.000 обиди за илегални гранични премини. Мигрантите се „сè поагресивни“, а шверцерите на луѓе користат и оружје, рече тој.

Унгарскиот премиер останува на ставот дека единствениот начин да се спречи миграцијата е да се каже дека „нема преминување преку нашите граници“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk