Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека Европската унија во моментов „не прави ништо, или прави многу малку“ во врска со актуелните настани на северот на Косово.

– Немам ништо добро да кажам за однесувањето на Европа, за однесувањето на ЕУ, и пред се мислам дека (Бриселскиот договор) е прашање на ЕУ. Нивниот потпис е на договорот – рече Брнабиќ за ТВ Пинк.

Таа посочи и дека Бриселскиот договор е очигледно прекршен на Косово, бидејќи не треба да има специјални единици на Росу на северот на Косово, а Заедницата на српските општини не е формирана ниту девет години по тој договор.

Таа оцени дека ЕУ „не само што толерира договорот од Брисел да не се спроведува девет години, туку молчи за неговото јасно кршење“.

– ЕУ на еден од состаноците во Њујорк каде што бев рече „што можеме да направиме за деескалација“. Па, можете да го почитувате својот збор, можете да го направите тоа. За почеток, по речиси девет години, да се каже, кога сте гарант на Бриселскиот договор, да гарантирате негова имплементација, а она што во моментов го имаме ќе исчезне за пет минути – рече Брнабиќ.