logo
logo
logo

Димитров: Македонија не е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ

Vecer | 07.12.2021

Димитров: Македонија не е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ

Ангел Димитров, освен за историските прашања, се впушти и во политичка експертиза. Овој пат даде свој суд за тоа - дали Македонија треба да ги почне преговорите со Унијата. Во интервјуто за „БНТ“ имаше коментар и на завчерашната изјава на премиерот Заев дека сега е најдобро време да се реши македонско-бугарскиот спор.

-Се разбира, Зоран Заев не би можел да каже ништо друго, зашто тој е политичар во оставка. За жал, многу би сакал да кажам дека Македонија е подготвена веднаш да добие сигнал за почнување на преговорите, но не гледам основа да се направи тој чекор напред. , вели Ангел Димиторов, претседател на бугарскиот тим историчари

Пораката на Димитров следи два дена пред новата рунда разговори со македонските колеги, кои пет средби во низа се заглавени на темата Цар Самоил и средновековието. Димитров обвинува дека македонската страна ги кочела разговорите и бегала од соочување врз основа на научни факти за периодот од 10 и 11 век.

-Тие се на еден исклучително лизгав терен, зашто... ова го кажувам најсериозно, нема ниту еден доказ што упатува на постоење македонски народ, македонска држава, а дека Самоил бил македонски цар. , вели Ангел Димитров

Од македонскиот тим историчари за Канал 5 велат дека контроверзните изјави на Димитров пред речиси секоја нова средба на Комисијата не се ништо ново и дека не помогаат за надминување на отворените прашања. 

-Не би сакале да коментираме политички изјави од колега кој излегува од рамките на мандатот. Со вакви изјави се создава негативна атмосфера и се минира работата на Комисијата и постигнувањето евентуален напредок. Утврдувањето на постоење македонски или бугарски народ во средниот век не е предмет на расправа на Комисиите, туку надминувањето на симболичниот спор околу Самоиловото царство. , велат извори од македонскиот тим во Комисијата за историја.

Дводневната онлајн средба во четврток и во петок е 16 та рунда разговори досега и последна за годинава. Од македонскиот тим внимателно ги следат пораките на новиот бугарски мандатар Петков дека е потребно формирање повеќе билатерални комисии од различни сфери и како што велат за Канал 5, не исклучуваат можност досегашниот модел на Комисијата за историја да претрпи измени.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk