Меѓународната заедница повикува на деескалација, Белград и Приштина се конфронтираат кој е виновен за вчерашните судири меѓу припадниците на КФОР и косовските Срби, кои резултираа со над 80 повредени.

Локалните Срби втор дена протестираат близу општинските згради во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ против новите градоначалници Албанци, додека силите на КФОР поставија нови кордони не дозволувајќи пристап до објектите.

Градоначалникот на Звечан денеска воопшто не дошол на работа, а неговиот колега од Лепосавиќ, Љуљзим Хетеми ноќта ја минал во општината и oд безбедносни причини не излегува од објектот.

-Нашето барање е непроменeто од вчера. Бараме оние луѓе кои се во зградата да го напуштат објектот, за вработените да дојдат на работните места. Против оној господин горе немаме ништо лично, нека оди во оние три албански села кои го гласаа, а ние ќе го работиме тоа што го работевме цело време , изјави Зоран Тодиќ, поранешен градоначалник на Лепосавиќ.

Косовските Срби имаат две клучни услова – повлекување на градоналаниците Албанци и на косовските специјалци од Општините, барања кои денеска претседателот Вучиќ ги изложи и на средбата со амбасадорите на земјите од Квинтата, односно САД, Велика Британија, Франција, Германија и Италија. Тој воедно побара западните сојузници да ја гарантираат безбедноста на српското насление. Во синоќешните изјави и Вучиќ и Курти ја обвинија другата страна дека ги иницирала последните инциденти.

-Почне ли да пука албанскиот окупатор, тогаш состојбата ќе биде потполно поинаква. Последен пат повторувам и ја молам меѓународната заедница да го вразуми Албин Курти. , изјави Александар Вучиќ, претседател на Србија.

-Графитите од српски националистички, шовинистички и про-Кремљ карактер, заедно со маскирани екстремисти кои вршат напади, вандализираат и напаѓаат сè што не е српско, се главните показатели за мотивот на насилните дејствијa. , се вели во соопштението на косовската влада.

Во вчерашните судири меѓу КФОР и локалното српско население во Звачан беа поврдени 53-ца цивили и 30-ина италијански и унгарски војници, од кои тројца биле повредени со огнено оружје. Тензиите избија во петокот кога локалните Срби почнаа протест пред трите општини не дозволувајќи им на новите градоначалници да ја преземат должноста, по изборите во април кои беа бојкотирани од косовските Срби.