Откажана посетата на претседателско ниво

Дачиќ: Хрватска манифестира антисрпска хистерија

Пред "последните политички конфликти", претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ испрати порака до Вучиќ дека неговата посета на Загреб не може да биде протоколарна, туку содржајна

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ оцени дека протестот на Хрватска во врска со поставувањето на споменикот на мајорот на ЈНА, Милан Тепиќ во Белград, е „бесмислен, трагикомичен и луд".

- Тоа е лудило и антисрпска хистерија, изјави Ивица Дачиќ за српската државна телевизија РТС, по повод остриот протест што го упати Министерството за надворешни работи на Хрватска до Амбасада на Србија во Загреб, по повод откривањето на споменикот на Тепиќ, на кое присуствуваа повеќе српски министри.

Тепиќ на 29 септември 1991 година, предизвика експлозија на 170 тони муниција и мини во воениот магацин во Бјеловар, при што загинаа 11 хрватски војници.

Хрватското Министерство за надворешни работи упати остар протест до Белград, оценувајќи ја постапката на Тепиќ како терористичка и предупредувајќи дека ваквите одлуки и потези на српските власти се спротивни на напорите на Хрватска за градење на добрососедски односи, наспроти „не толку далечната агресија на Србија и на ЈНА".

Според Загреб, поставувањето на споменикот потврдува дека Србија „се уште не е подготвена да се соочи со минатото и нејзината улога во крвавиот распад на поранешната СФРЈ".

Инаку, Вучиќ минатата недела за загрепскиот весник „Вечерњи Лист" изјави дека Хрватите и Србите во иднина се повеќе ќе мораат да бидат сојузници, а се помалку луѓе кои ќе живеат во минатото на своите непријателства.

Сепак, по низата тешки зборови што паднаа меѓу Загреб и Белград, официјалната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ се одлага и најверојатно нема да се случи до крајот на оваа година, иако таа е најавена во Белград и Загреб, објави "Јутарњи лист".

"Јутарњи" наведува дека кабинетите на двата претседатели комуницираат, но најновите настани укажуваат дека не е време да се сретнат, со констатација дека до напредок во односите меѓу Србија и Хрватска "несомнено нема да дојде".

"Јутарњи" известува дека претседателот Вучиќ во интервју за РТС изјави дека усвојувањето на Законот за хрватските бранители е "отворање на Пандорината кутија".

Потоа избувна вербален конфликт меѓу српскиот министер за одбрана Александар Вулин и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за изјавата на Вулин дека "во Хрватска се водела граѓанска војна", наспроти Пленковиќ кој изјави дека се работи за агресија.

Пред "последните политички конфликти", претседателката на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ испрати порака до Вучиќ дека неговата посета на Загреб не може да биде протоколарна, туку содржајна, потсетува Вечерњи Лист.

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари