Дачиќ: Формирањето на војска на Косово води кон загрозување на безбедноста

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ порача дека Србија се противи на формирањето на војска на Косово, укажувајќи дека тоа води кон загрозување на стабилноста и безбедноста на Косово.

„Тоа е спротивно со актуелниот меѓународен правен протекторат и Резолуцијата 1244 што го гледа КФОР како единствен облик на воружано присуство“, изјави Дачиќ и запраша за што би служеле силите покрај КФОР, освен за евентуални немири.

„Видовте дека НАТО и САД, без оглед што некои од нив имаат симпатии кон косовската независност, не го поддржуваат овој начин на формирање на војска и мислат дека тоа треба да се направи со уставни промени, а е невозможно без согласност од Српската листа“, укажа Дачиќ.

Додаде дека низ годиниве сите говореле оти треба да се пронајде решение за проблемот со Косово, а кога започнал дијалогот за изнаоѓање на трајно решение сите се трудат да го опструираат.

„Како да очекуваа дека процесот ќе се заврши со признавање на Косово од српска страна“, рече Дачиќ и оцени дека од разни земји слушал оти Србија може да добие само Заедница на српските општини на северот, а бидејќи власта е стабилна може да им го продава тоа на нејзините граѓани.

„Им порачувам да не зборуваат глупости, од тоа нема ништо. Ако не сакаат решение во кое Србија ќе добие нешто, ако не сакаат компромис, тогаш тоа ќе остане нерешено прашање“, оцени Дачиќ.

Тој изрази увереност дека ќе се намалува бројот на земји кои го признаваат Косово.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари