Бугарската „Мис Плејмејт 2016“, Магдалена Бадер, ги негира тврдењата на бизнисменот Светослав Илочовски дека таа била жената, која ја посетувала спалната соба на Бојко Борисов во неговата резиденција.

Според Илчовски, сопственикот на фирмата „Градус“, Иван Ангелов, и платил на манекенката и еротски модел за да го „опслужи премиерот“, пишуваат Факти.бг.

-Така! Официјално изјавувам дека не ги познавам г-дин Борисов и г-дин Ангелов. Никогаш во животот не сум ги сретнала и не сум имала контакт со тие луѓе! Го молам секој медиум, што ми го споменал името, да си ја провери информацијата! Со останатите ќе се видиме на суд, напиша на својот официјален профил на социјалните мрежи Бадер.

Бизнисменот Илчовски предизвика вистинска политичка бура во Бугарија со неговото сведочење пред собраниската комисија за работењето на владата на Бојко Борисов.

Во интервју за онлајн изданието Агри.бг тој ја повтори изјавата за парите, што Ангелов и ги дал на Магдалена Бадер.

-Го знам тоа, зашто бев таму, изјавил Илчовски.

Тој тврди дека зад бугарската „Мата Хари“ се крие токму името на Бадер. А, бугарската „Мата Хари“ беше името, кое се споменуваше во јавноста дека ги направила снимките од спалната соба на Борисов на кои можеше да се видат снопови со илјадници евра и златни прачки. Официјално, спроведената истрага никогаш не откри кој стои зад снимките, што го компромитираа Борисов, по што тој изјави дека повеќе „не сака жени“.