logo
logo
logo

Бугарите никако да состават Влада: Нови парламентарни избори, петти во две години

Vecer | 24.01.2023

Бугарите никако да состават Влада: Нови парламентарни избори, петти во две години

Лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, го врати неисполнет третиот мандат за формирање влада, точно една недела откако ѝ беше доверен од бугарскиот претседател Румен Радев, јавуваат тамошните медиуми.

По пропаѓањето и на третиот обид за формирање влада во Бугарија од страна на социјалистите, веќе е извесно дека земјата ќе оди на нови предвремени избори – петти во последните две години.

Нинова, враќајќи му го мандатот на Радев, рече дека направиле сè што е потребно за да го исполнат, а меѓу приоритетите на маса во преговорите со евентуалните коалициски партнери биле влезот на земјата во Шенген, буџетот за 2023 година и реформи во правосудството.

„Ги поканивме сите страни на разговор. Стана јасно дека нема договор и мнозинство за формирање редовен кабинет, затоа го враќам третиот мандат“, рече Нинова, пренесува новинската агенција БГНЕС.

Бугарскиот претседател, од друга страна, ѝ честитал за напорите и им посакал на Нинова и на нејзината партија успех на парламентарните избори.

„Од 14 часот ја поканив Централната изборна комисија (ЦИК) да даде повеќе информации за подготвеноста за претстојните избори и врз основа на овие информации ќе донесам одлука за распуштање на 48. Национално собрание и датум за следните избори“, рече Радев.

По напуштањето на претседателската резиденција, Нинова изјави дека бугарскиот устав не одредува конкретен рок за распуштање на парламентот, но повикувајќи се на мислењата на експертите, таа рече дека тоа треба да се направи што поскоро бидејќи во спротивно би се косело со законот што ја уредува оваа проблематика.

„БСП силно ја поддржува парламентарната република како форма на владеење и остануваме на оваа позиција, не можевме да донесеме буџет за 2023 година. Подготвени сме за кампања, ќе работиме, ќе разговараме со народот“, нагласи Нинова.

Таа посочи дека гледа замор кај граѓаните од избори и апатија кон политичкиот живот, но додаде дека тоа е и главната цел на една кампања – да се убеди народот дека е важно да се гласа.

„Ќе ги чекаме изборите и резултатите и потоа ќе одлучиме со кои партии ќе соработуваме во следниот парламент. Очекувам да има влада во следниот парламент, политичката криза премногу се продлабочи“, истакна лидерката на БСП.

Бугарските медиуми потсетуваат дека ова беше последна можност за состав на влада во рамките на 48. Народно собрание според уставот на земјата, откако пропаднаа првите два обиди за формирање редовен кабинет.

Првиот мандат му беше доверен на Николај Габровски од коалицијата ГЕРБ-СДС, која освои најмногу пратенички места на изборите што се одржаа на 2 октомври, но недоволно за да состави влада самостојно.

Откако со 113 гласа „за“ и 125 гласа „против“ пратениците не ја одобрија неговата кандидатура, Радев вториот мандат му го врачи на академик Николај Денков од Продолжуваме со промените, кој на 9 јануари годинава на бугарскиот претседател му ја врати папката со неисполнетиот мандат.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk