logo
logo
logo

Автобус излета од пат во Хрватска, најмалку 12 загинати и десетици повредени

Vecer | 06.08.2022

Автобус излета од пат во Хрватска, најмалку 12 загинати и десетици повредени

Автобусот излетал и паднал во канал надвор од автопатот, потврди хрватската полиција, а причината за несреќата ќе се утврдува по увидот.

-На автопатот А4 во насока кон Загреб дојде до тешка сообраќајна несреќа при што излета автобус во близина на местото Јарек. За сега повеќе лица се смртно настрадани а повеќе десетици лица се повредени. Увидот е во тек и после увидот ќе ја утврдиме точната причина за сообраќајната несреќа. – Полиција.

Потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи на Хрватска, Давор Божиновиќ, на прес-конференција соопшти дека информацијата за несреќата пристигнала од полска државјанка која била во автобусот, по што биле ангажирани сите надлежни служби кои, според него, реагирале навремено. Во автобусот, според првичните информации се превезувале 43 патници, но се уште се чека целосната листа на патници.

-Информацијата ја добивме од државјанка на Полска која била во автобусот и она што можам да кажам е дека во истиот момент излегоа сите служби на терен. Во овој момент знаеме дека автобусот е регистриран во местото Гродзиск Мазобјецки, тоа е во близина на Варшава. Според некои информации се работи за група која планирала да замине на аџилак во Меѓугорје, изјави – Давор Божиновиќ – Министер за внатрешни работи на Хрватска.

Триесетина лица се згрижени во болница и голем дел од нив се со тешки трауми. Осумнаесет од нив се во тешка состојба, изјави Маја Грба Бујевиќ, шефица на хрватската служба за итни случаи. Повредените патници се згрижени во болниците во Вараждин, Загреб и Чаковец.

-Ние добивме дојава во 05.35 часот. Првиот тим пристигна на самото место во 05.48 часот и ја прогласивме акцијата за завршена во 07.55 часот. Во текот на тоа кратко време 18 лица пациенти кои беа изразито тешко повредени се пренесени во загребската болница. Можеме да потврдиме дека 11 лица се загинати на лице место е едно лице почина откако било пренесено во болница.изјави – Маја Грбе Бујевиќ – Хрватски завод за Итна помош.

Дел од повредените се пренесени клиничкиот болнички центар во Загреб од каде велат дека се во тешка но засега стабилна состојба.

-Шестмина тешко повредени се донесени на КБЦ Загреб. Едно лице беше донесено во животозагрозувачка состојба и негова реанимација се правеше за време на транспортот и кога беше донесен овде, но за жал тоа лице почина. Сите останати се тешко повредени,изјави – Анко Антабак – КБЦ Загреб.

Повеќе за причините за несреќата ќе се знае по истрагата која е во тек, иако во дел од хрватските медиуми е објавено оти има сомнежи дека возачот заспал зад воланот.

-Би сакала да им се заблагодарам на сите служби на брзата и ефикасна акција и за поддршката на полските граѓани. Тоа е ситуација кога луѓето се покажуваат како луѓе,изјави – Дамара Луковиќ – Конзул на Р. Полска во Хрватска.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки на Твитер напиша дека разговарал со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ од каде му било порачано дека имаат целосна поддршка од хрватските медицински служби. Моравјецки, исто така, рече дека станува збор за аџии кои биле на пат за Меѓугорје во Босна и Херцеговина.

„Сакам да изразам најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите“, напиша полскиот премиер.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk