logo
logo
logo

АСГИ: Фронтекс протера граѓани на ЕУ од Грција во Македонија

Vecer | 27.11.2021

АСГИ: Фронтекс протера граѓани на ЕУ од Грција во Македонија

Информацијата, како што јави дописничката на МИА од Брисел, помина релативно незабележана во Европа, надвор од италијански и грчки медиуми, дека здружение на правници кои се занимаваат со миграција тврдат дека биле задржани од грчката полиција и Фронтекс, а потоа „протерани" во  Македонија.

Како што јавува дописничката на МИА од Брисел, АСГИ е италијанско здружение на адвокати, академици и членови на граѓанското општество посветено на правата на мигрантите, активно и во областа на борбата против расизмот и ксенофобијата. Тие работат и на национално и на европско ниво на овие прашања.

На шести ноември, како што соопштија од АСГИ, група членови на здружението биле приведени од страна на мешана патрола на грчки полицајци и припадници на Фронтекс за време на нивната посета на грчко-македонската границата близу Идомени во Грција.

Членовите по приведувањето биле однесени и, како што велат, принудени пеш да се вратат на македонска територија.

Станува збор за четворица граѓани на Италија, а со тоа и на ЕУ.

– АСГИ го осудува третманот претрпен од страна на италијански граѓани отстранети од територијата на Европската Унија без оправдување, на нелегитимен начин и со неформални процедури, вели Здружението во својот извештај за посетата и додава дека еднакво го осудува систематското насилство и нарушување на правата на граѓаните на трети земји на границите на ЕУ.

Делегација на АСГИ ги имала сите потребни документи и дошла да провери во какви услови се одвива третманот на мигрантите и бегалците на македонско-грчката граница. Граничниот премин Евзони го поминале со такси.

Оттаму прво отишле во Поликастро, па во Идомени и оделе долж шините во правец кон Македонија, но не влегле во транзит зоната која е ограничена со бодликава жица, и се вратиле назад на железничката станица. Додека се движеле кон станицата, им се приближил човек во униформа на Фронтекс и ги прашал за причината за нивното присуство на тоа место. АСГИ потоа раскажува дека веднаш дошле и грчки полицајци кои им рекле дека се наоѓаат во воена зона каде што не смеат да пристапат, иако, тврди АСГИ, немало таква сигнализација.

Брзо потоа групата била опкружена од десетина полицајци од кои тројца најмалку биле од Фронтекс во црна камуфлажа и налепница со орел. Членовите биле приведени со полициско комбе, биле предмет на вербално насилство, и задржани без објаснување во полициска станица, каде наишле и на шест мигранти седнати на душеци на земја, тврди АСГИ.

– И покрај валидноста на нивните документи за преминување на грчката границата, шестемина италијански граѓани се однесени со комбе на граничниот премин Евзони со придружба на две коли на Фронтекс и протерани од територијата на ЕУ, која ја напуштија пешки од граничниот премин до Македонија, објаснува АСГИ.

Иако информацијата не доби медиумско ехо, невладините организации преку социјалните мрежи се обидуваат да го привлечат вниманието на јавноста.

Од организацијата Отворено општество за МИА реагираа на овој инцидент.

– Границите на Грција де факто станаа зони на неотчетност каде припадниците на полицијата ги прекршуваат правата на мигрантите, на Грците и на граѓаните на ЕУ. Намерата е јасна: да се спречи граѓанското општество да бара отчетност од властите кои ги прекршуваат сопствените закони. Владеењето на правото мора да се почитува на секој сантиметар на територијата на ЕУ, вклучително и границите на Грција, изјави за МИА Манос Москопулос, кој работи во Отворено општество на програмата за миграција и азил во Европа.

Агенцијата Фронтекс со месеци се соочува со остри критики од страна на граѓанскиот сектор како и од Европскиот парламент, кој пред еден месец се произнесе за замрзнување на дел од буџетот за Фронтекс додека не се добијат јасни одговори од страна на оваа агенција на ЕУ за сѐ почестите пријави за прекршување на фундаменталните права на мигрантите, како и заложба за пополнување на работните места за набљудувачи на човековите права.

Европратениците сметаат дека сѐ додека не се пополнат овие клучни работни места чија цел е да вршат надзор врз почитувањето на темелните права во агенцијата, дел буџетот на Фронтекс за 2022 мора да остане замрзнат.

Оваа препорака е усвоена со 558 гласови за и 82 против во октомври.

Невладините организации редовно објавуваат сведочења за нелегални протерувања на барателите на азил и на мигрантите како и прекумерна употреба на сила од страна на Фронтекс на надворешните граници на ЕУ.

Фронтекс ги отфрла обвинувањата на граѓанскиот сектор и тврди дека не постои никаков доказ дека вработените во агенцијата биле инволвирани во нелегални активности, но тоа не беше доволно да се убедат европратениците.

Здружението АСГИ од своја страна испрати писмо до еврокомесари и до претседателката на Европската Комисија, кое може да го прочитате на следниот линк.

Писмо е испратено и до Омбудсманот на ЕУ како и до раководството на Фронтекс.

За инцидентот реагираше и поранешниот координатор за Северна Грција во Министерство за миграција на Грција, Николас Коноли Рангос, кој истакна дека полицајците на Фронтекст во Грција се „гости" кои соработуваат со грчката полиција и треба да и бидат поддршка, но не смеат да останат без супервизија, бидејќи, вели тој, законот не предвидува такво нешто. Сепак, додава тој, во последните две години и половина членовите на Фронтекс се обвинети за „нелегални активност" и „нелегално приведување".

– Со објавата на документот на АСГИ и јасните обвинувања кон дејствијата на тимот на Фронтекс (германска полиција) и кон грчката полиција на грчка територија кои привеле и потоа протерале европски граѓани кои влегле во Грција преку пасошка контрола и целосно легално, без никаква документација која укажува на прекршување на законот, е нешто нечуено досега. Ова не само што претставува преседан туку и отвора значајни прашања за практиките на националните и европските агенции на границите, вели Конели Рангос.

МИА од своја страна испрати прашања до Европската комисија за овој случај. До објавувањето на овој текст, тие не се одговорени. МИА побара коментар од Комисијата дали е запознаена со случајот, дали може да ја потврди верзијата на АСГИ, како и дали ова може да биде преседан за правата на граѓаните на ЕУ. Одговорот ќе биде објавен штом пристигне до МИА.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk