Албанската Влада минатата година потрошила околу 1,5 милиони евра за изработка на договорот за испраќање на прашањето за морската граница со Грција до Меѓународниот суд на правдата.

Министерството за финансии ја откри владината одлука и тоа дека сумата е издвоена од државниот резервен фонд, не наведувајќи детали која компанија ја добила обврската да го подготви текстот на договорот. За оваа работа и поранешниот претседател на државата Илир Мета изјави дека нема официјални информации, јави Ора њуз.

Според истиот извор преговорите меѓу Грција и Албанија за „поделба на морето останаа на нејасна точка“, а страните досега најавија дека ќе се обратат до Меѓународниот суд за решавање на граничните точки.

Иако има малку податоци од преговарачката група која доби целосна моќ во 2018 година, албанската Влада презеде конкретни чекори.

„Според податоците од фактичкиот буџет во 2021 година, за одобрување на договорот со предмет на консултантски услуги за изработка на нацрт-договорот што ќе се склучи меѓу Албанија и Грција, за упатување на прашањето за разграничување на поморските области на Меѓународниот суд на правдата. Фондот е префрлен во Министерството за надворешни работи со одлука на владата од 4 април 2021 година. Понатаму преку објавените табели се појаснува дека уште 35 милиони леки или околу 300.000 евра и биле дадени на Националната агенција на информатичко општество“, наведува телевизијата.

Исто така потсетува дека поради застојот на случајот дошло до судир од далечина меѓу поранешниот претседател Мета и министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, кој изјави дека „шефот на албанската држава станал пречка случајот да се испрати на суд“.

Грчкиот МНР Никос Дендиас и албанскиот премиер Еди Рама во 2020 година
Грчкиот МНР Никос Дендиас и албанскиот премиер Еди Рама во 2020 година

Но, како одговор Мета изјави дека тој не станал пречка, туку дека побарал појаснување од премиерот Еди Рама, но истото не го добил.

Сега потписот за продолжување на процесот ќе треба да го даде новиот претседател Бајрам Бегај.

Атина и Тирана најавија дека упатуваат обединето барање до МСП во октовмри 2020 за решение во врска со долготрајниот граничен спор меѓу двајцата. Договорот, исто така, става крај на 60-годишната воена состојба.

Граничното несогласување е долгогодишен извор на тензии. Договорот за ова прашање беше речиси постигнат во 2009 година – сепак, албанскиот Уставен суд го собори една година подоцна по правното оспорување на социјалистичката партија на Рама, тогаш во опозиција.

„Тоа прашање нема да биде по наша дискреција, ниту на грчката страна, туку на меѓународната правда и на тој начин ќе се фокусираме на нашата економска (и) регионална соработка“, рече Рама во врска со новиот договор.

Крај на 60-годишната воена состојба

Покрај решавањето на спорот за поморската граница, Дендиас во 2020 година најави и дека Грција планира да ја поништи формалната воена состојба меѓу двете земји, која постои од 1940 година.

Иако сега е симболично, двете земји номинално се во војна откако италијанските фашистички сили ја нападнаа Грција преку Албанија за време на Втората светска војна.

Односите меѓу земјите останаа напнати за време на албанскиот комунистички период, но оттогаш се загреаа, вклучувајќи ја и формалната декларација за пријателство во 1990 година и поддршката на Грција за приемот на Албанците во Европската унија.

Правата на малцинствата, исто така, доведоа до тензии меѓу двата соседа.

Сепак, Атина и Тирана, исто така, рекоа дека грчкото малцинство во Албанија, како и многуте Албанци кои мигрираа во Грција по падот на комунизмот, претставуваат мост меѓу двата народа.

Потегот на Грција кон договор за поморските граници следи по успешниот договор со Италија за риболовните зони во јуни 2020.

Грција исто така се расправа со Турција за поморските граници во Егејското Море и пристапот до резервите на гас и економските зони.

Фото: Архива