logo
logo
logo

30 години од распадот на СФРЈ: Како живеевме тогаш, а како сега!?

Vecer | 25.06.2021

30 години од распадот на СФРЈ: Како живеевме тогаш, а како сега!?

Во организација на Центарот за напредни истражувања од Скопје, а во партнерство со Академската мрежа за соработка во Југоисточна Европа, денеска во Скопје се одржа меѓународна конференција „Духот и сенките на Југославија: Рефлексии и процеси, 30 години од распадот на СФРЈ“.

Во своите дебати учесниците на конференцијата, која се одржа со физичко присуство и онлајн, зборуваа за прашања поврзани со размислувања и процеси околу распаѓањето на Југославија и за тоа што се случуваше во изминатите 30 години во поранешните југославенски републики и што се случува денес.

Професорот Мерсел Билали, меѓу другото, збрувајќи за животот во земјите од поранешна Југославија, истакна дека не верува оти во следните 15 години некоја од земјите кандидати од Западен Балкан ќе стане членка на ЕУ колку и да постигне од реформите. Освен Словенија и Хрватска, според него, и Србија е во развој во последните години, додека останатите земји имаат се уште проблеми. Не безбедносни, како што рече, туку од развоен карактер. Што треба да прават овие држави, меѓу кои е и Северна Македонија.

– Чув еден предлог од претседателот и не ми е јасно дека треба специјални односи. Не е нашиот проблем безбедноста, нашиот проблем е развојот. Тој може да стане безбедносен ако подолго време стагнира. Самата сиромаштија е најголем предизвик на безбедносните прашања. Затоа мислам дека треба да направиме еден наш пазар тука некаде околу 18 милиони жители и потоа да преговораме да склучиме пазарна европска економска зона, што може да се случи за четири до пет години, вели Биљали.

Горан Башиќ, координатор на Академската мрежа за соработка во ЈИЕ споредбено се осврна на неколку, според него, актуелни теми, како позицијата и статусот на Србите и на Албанците, што се уште е актулна после толку години. Таа ситуација, според него, сега е покомплицирана, а тие прашања се уште лебдеат и се наоѓаме во некој вакуум.

– Очекуваме дека ЕУ ќе го реши тоа прашање, додека СФРЈ тоа го имаше решено, смета Башиќ.

Второ прашање, според него е прашањето за Босна и Херцеговина и за Војводина, во однос на прашањата за мултиетничкиот живот. После 30 години, вели тој, ние успеавме да ги направиме и БиХ и Војводина целосно сегрегирани.

– Политиката ги сврте етничките заедници внатре кон себе. Слично е и во Хрватска со етничките заедници, вели Башиќ, додавајќи дека не постои интегративен мултикултурализам и каскаме зад оние етнички стандарди кои ги имавме во СФРЈ.

Тој посочи на прашњата поврзани со лицата кои се декларираа како Југословени, на стандардот на граѓаните, законите за зашита на етничките заедници во земјите од поранешна Југославија, прашањето за Ромите, правото на образование за сите и слично. Неговото прашање е што можеме да примениме од претходните искуства и да искористиме за да го подобриме нашиот живот.

Професорот Љубомир Кекеновски од Економскиот факултет во Скопје, истакна дека во контекст на СФРЈ ние промашуваме да ги поставиме вистинските прашања. Според него, поранешна Југославија не треба да се гледа само низ призма на убавите сеќавања, можноста за патување, пасоши, Тито, итн, туку во поширок конктекст на функционирање на системот и институциите.

Историјата, смета тој, може да се разбере само ако се гледа интердисциплинарно, а не вака „сега секој пука од своето место“.

Овој век, иако постојат многу други терории, според Кекеновски е век на религијата, а она што треба да се направи е зближување на религиите.

Во неговото обраќање, тој посочи дека поранешна Југославија траеше 70 години, исто колку и Советскиот Сојуз, а приближно толку досега и Европската унија.

За она што се случува во изминатите години во регионот на поранешна Југославија, негова теза, како што рече е дека тоа им одговара на олигархите, кои се единствени добитници на оваа несреќна транзиција од 30 години.

– За економски развој не треба политички слободи. Потребни се економска слободи и политички ред, закони и институции, дециден е тој.

За Северна Македонија, Кекеновски смета дека, земјата е во класична заложничка драма во изминатите години со сето она што го поминува.

За официјален почеток на физичкиот распад на СФР Југославија, најголем број автори го сметаат 25 јуни 1991 година, кога Собранието на Република Словенија еднострано прогласи независност, а два дена потоа започнаа вооружените судири помеѓу ЈНА и Територијалната одбрана на Словенија.

ОН ја признаа независноста на Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина на 22 мај 1992 година, а претходно на 29 ноември 1991 т.н. „Бадинтерова комисија“ на Европската заедница (подоцна Европската унија), составена од претседателите на уставните судови на Франција, Германија, Италија, Шпанија и Белгија, објавија „Мислење“ со кое се констатира дека Југославија се распадна, а границите помеѓу бившите федеративни единици ќе се сметаат како државни граници на новонастанатите држави, кои, со сила не можат да се променат.

Некои авторитети сметаат оти процесот на распаѓање заврши со Дејтонскиот мировен договор во 1995 година, но други мислат дека распадот продолжи и после тоа, со независноста на Србија и Црна Гора, но и со прогласувањето на независноста на Косово, во 2008 година,

– Во април годинава балканската, но и пошироката светска јавност се разбрани со веста дека словенечкиот премиер Јанез Јанша, наводно, испратил т.н нон-пејпер до авторитетите на ЕУ во Брисел под наслов: „Конечното распаѓање на Југославија“, што значи дека во некои кругови сè уште се размислува за дополнителни менувања на постоечките граници на територијата на поранешна Југославија, стои во соопштението од Центарот за напредни истражувања.

Јавноста кај нас, но и пошироко, се посочува во соопштението, со големи емоции реагира по социјалните мрежи на неконвенционалните изјави на ексминистерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, дека Северна Македонија не може да започне преговорите со ЕУ, односно Бугарија ќе ја блокира, сè додека се почитува и слави ликот и делото на Јосип Броз Тито.

Триесет години по крвавиот распад, се поставуваат прашања за многу феномени што се поврзани со постоењето и распадот на СФРЈ: дали постои југословенство, југословенски идентитет, југо носталгија, (пост) југословенска култура и југословенско наследство?

– Смртта на некои музички и филмски екс-ЈУ ѕвезди, духовно ги обедини граѓаните од сите држави што произлегоа од СФРЈ заедно да тагуваат. Луѓето излегуваа по градските плоштади и колективно пееја песни на починатите Оливер Драгојевиќ и Ѓорѓе Балашевиќ, со прилично голема доза на емоции на југо-носталгија. Впечатливо беше и како граѓаните од сите екс ЈУ земји, неколку седмици, тагуваа за Тоше Проески, музичка ѕвезда, што својата слава ја направи по распадот на Југославија, насекаде доживуван како „наша ѕвезда“. Познатиот режисер Лордан Зафрановиќ, во една прилика ќе изјави: „Титовата Југославија беше врвот на цивилизацијата на тие несреќни народи, и сметам дека никогаш повеќе во својата историја нема да бидат на тоа ниво, со угледот, со силината, со социјалните состојби, кога имаа бесплатно школство, болници, летувалишта, кога цветаше уметноста …“., посочуваат од Центарот за напредни истражувања.

(МИА)

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk