ОД МИНАТОТО НА БИТОЛА

Абдул Керим паша од сенката на Ататурк

Во богатото културно наследство на Битола значајни се градбите и делата на валијата Абдул Керим паша, чије име сепак паднало во сенка зад постигањата на Мустафа Кемал Ататурк кој, пак, за дел реформаторски постигнања се инспирирал токму од Абдул Керим паша

Културното наследство на прогресивните дела на безброј личности се повеќе стануваат мост за соработка и разбирање меѓу народите. Се издвојуваат објекти со широко меѓународно значење, се посочуваат личности што за векови со импозантни дела и дејствувања го одбележале своето постоење. Во Битола се бројни таквите дела и личности. Дел од нив не можат да паднат под превезот на минатото зашто оставиле корени од кои и натаму се црпи енергија. Од османлискиот период на овој град е незаборавно името на Мустафа Кемал Ататурк, кој се школувал во овој град и кој подоцна го одушевил светот со реформаторските дела и постигања. Во негова чест и сеќавање во битолскиот музеј, каде некогаш се школувал тој, постои негова спомен-соба.

Но, во овој град делувале и низа други личности кои ставиле темели на објекти кои и денес се вбројуваат во богатото културно наследство. Некои од нив постепено излегуваат од сенката на големиот Ататурк, зашто од сенките што се посочуваат за вредностите на нивното време и владеење и натаму се високи и непроценливи. Тие не можат да го поместат севкупното постигање на Ататурк, но сепак, за Битола се значајни и понекогаш се чини неоправдано ставени во сенка.

Како еден од нив се споменува и валијата Абдул Керим паша, кој со своето доаѓање во Битола во 1895, па во наредните шест години бил иницијатор за изградба на дела за кои се уште се зборува со пиетет. Тие негови прогресивни делувања, соработка со локалното население, бенифициите што им ги давал, а посебно градбите што и денес се во функција, го вбројуваат во луѓето што ќе останат во вечните сеќавања и спомени на овој град. Личностите што ги регистрирале и обработувале неговите постигања се неподелени во тврдењата дека тој никогаш не треба да биде заборавен. Напротив, тие се уште може да бидат патоказ за проширување на меѓусебната соработка меѓу нашиот и турскиот народ.

ГРАДБИ
Симон Дракул во едно искажување за Абдул Керим паша има регистрирано дека него го красела толеранцијата меѓу бројните конфесии и националности во вилаетот каде управувал и сметал дека клучот на сожителството на мирот и спокојниот живот се токму во тоа.

Професорот Александар Стерјовски во трудот "Валијата Абдул Керим Паша и Битола" има наведено дека се бројни примерите, како тој со своите градби и дела давал значаен придонес за современиот развој на гадот, за неговиот пат кон модерната цивилизација.

Абдул Керим паша не само што го регулирал коритото на брзата планинска река Драгор, туку ги уредил приодите на градот, поставил канализација, туку имал и смелост во неговиот центар преку ноќ да ги "избрише" муслиманските гробишта и на нивно место да подигне модерни објекти меѓу кои и Народниот театар во чија зграда, на 14.11. 1944 година првпат на сцена се слушна македонскиот јазик. Абдул Керим паша започна да го уредува излетничкото место Тумбе кафе, ги поставил основите за денешниот парк и шеталиште, насадил дрвореди кои се уште опстојуваат, но според мајорот и директор на Турската воена гимназија, Мехмед Тефик, со настојување на Абдул Керим паша била изградена болница за сиромашни, дом за сираци, хотел, кожара, а уредил и опремил и библиотеки.

Мехмед Тефик запишал дека од валиите кои доаѓаа во Битола, најмногу придонесол за разубавување и средување на градот, со градење на многубројни згради и Абдул Керим паша.

Затоа и Стерјовски има забележано дека Мустафа Кемал Ататурк, кој бил сведител на управувањето на Абдул Керим паша, се инспирирал од битолскиот енергичен, правичен и видовит валија.

ПРОГРЕС
Со своите напредни идеи, делувања Абдул Керим паша, паѓал во немилост на поголем број свои управувачи, а потоа и со налетот на слободарските идеи и дејстувања на македонскиот народ, ја согледувал неговата прогресивност заради што и сам одлучил да се повлече од функцијата наводно поради нарушено здравје, заминувајќи од овој град. Но, неговото дело нема никогаш за исчезне зошто е вплетено во напорите за мир, сожителство и културно поле за дејствување што отсекогаш се негувало на овие простори. Иако денес во Битола има само една мала уличка што го носи името на Абдул Керим паша, сепак, неговото дело и натаму е мошне големо.

Петар СТАВРЕВ

Најнови вести

Коментари