Средба на претседателот Иванов со шеикот Ал Тани во Доха

Катар и Македонија ќе ја интензивираат бизнис-соработката

Планирана е размена на официјални посети на највисоко ниво и натамошно унапредување на правната рамка, особено за изработка на конкретни економски проекти, со цел обезбедување на катарски инвестиции. Катарските компании се заинтересирани за инвестирање во земјоделието, производството на храна, градежништвото, инфраструктурата, туризмот, недвижностите, телекомуникациите... 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, својата работна посета на Државата Катар вчера ја започна со средба со емирот на Државата Катар, шеикот Тамим бин Хамад Ал Тани. Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, на средбата, прва по стапувањето на должноста на емирот Тамим бин Хамад Ал Тани, е изразено заемно задоволство од подготвеноста за натамошен успешен развој на односите и соработката меѓу двете држави.

- Добрите политички односи, редовниот дијалог на највисоко ниво и солидната правна рамка создаваат услови за интензивирање на економската соработка и за катарски инвестиции во Република Македонија, рече претседателот Иванов на средбата.

Во тој контекст, во наредниот период планирана е размена на официјални посети на највисоко ниво, а времето до нивната реализација ќе се искористи за натамошно унапредување на правната рамка и особено за изработка на конкретни економски проекти, со цел обезбедување на катарски инвестиции.

Емирот Ал Тани истакна дека катарските компании се подготвени за соработка со Република Македонија.

- Во наредниот период очекувам да се интензивираат контактите на бизнис-ниво, истакна емирот Ал Тани.

Средба на претседателот Иванов со шеикот Ал Тани

Како области во кои постои интерес за инвестирање се посочени земјоделието, производството на храна, градежништвото, инфраструктурата, туризмот, недвижностите, телекомуникациите.
Претседателот Иванов го запознал емирот Ал Тани со поволниот инвестициски амбиент во нашата држава, со состојбите во македонската економија, како и за оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати.

На средбата се разговарало и за соработката на мултилатерален план. Договорено е да продолжи соработката и заемната поддршка во системот на Обединетите нации, особено во рамките на Алијансата на цивилизациите, каде што Република Македонија и Државата Катар имаат активна улога. Емирот Ал Тани ја поздравил улогата на Република Македонија во рамките на Алијансата на цивилизациите.

- Македонскиот модел на почитување на различностите е исклучително позитивен пример, кој треба да се афирмира во рамките на оваа глобална иницијатива, рече катарскиот емир на средбата.

На средбата биле разменети информации за актуелните состојби во регионот на Југоисточна Европа и на Блискиот Исток. Претседателот Иванов упатил честитки за организацијата на Светското првенство во ракомет и на емирот Ал Тани му посака успех на катарската репрезентација.

Претседателот Иванов оствари средба и со шеикот Калифа бин Јасим Ал Тани, претседател на катарската стопанска комора. На средбата биле разменети информации за можностите и интересот за интензивирање на економската соработка. Претседателот Иванов ги претставил поволностите што странските инвеститори ги имаат во Република Македонија. Претседателот на катарската стопанска комора ветил дека наскоро ќе испрати тим во Република Македонија за испитување на можностите за економска соработка, и истакнал дека ги очекува заинтересираните македонски компании во Доха.

 

Претседателот Иванов им посака среќа на ракометарите на СП во ракомет 

Претседателот на Р. Македонија, Ѓорге Иванов, ги посети македонските ракометари во Доха, непосредно пред отворањето на Светското првенство во Катар (15 јануари – 1 февруари).

- Знаете што очекува Македонија од вас. Сите со нетрпение го очекуваме стартот од шампионатот, со надеж дека ќе ни донесете нови радост - им порача Иванов на ракометарите.

Македонија денеска од 15 часот ќе го одигра првиот натпревар во група Б против селекцијата на Тунис.

Поврзани

Најнови вести

Коментари