ПРВИОТ СОЛИСТИЧКИ КОНЦЕРТ - ПРЕД ПОЛНА САЛА

Влатко Илиевски се запиша во домашната музичка историја

5 јуни 2010 - Black Eyed Peas - Парис, Франција, Deep purple - Загреб, Хрватска, ЗЗ Топ - Ванкувер, Канада... Влатко Илиевски - Скопје, Македонија... Место на случување спортската сала Борис Трајковски", атмосферата жешка, столче празно ни за лек.

"Ако морав да одберам некое од местата прикажани на мапата на самиот почеток, без дилема ќе го одберев Скопје и најисторискиот концерт", рече Ристо Самарџиев, еден од гостите на саботниот, прв солистички, концерт на Влатко. И човекот беше апсолутно во право, оти тој е првиот македонски пејач, кој успеа да ја наполни најголемата концертна сала кај нас. Вресоци, овации, солзи... Пеење во еден здив... Многу подадени раце кон идолот... Атмосфера каква што гледаме ретко кога се во прашање домашните музичари. А сонот кој го сонуваат сите македонски пејачи - полна сала, публика која пее и вреска на нивните песни (се разбиа, ако од ова го изземеме Тоше како неповторлива музичка фигура) му се исполни засега само на Влатко. Сите останати нека стават прст на глава, нека размислат и нека се огледаат на македонскиот Бон Џови. Со други зборови - нека поработат на својата кариера, нека ја обогатат со барем еден концертен спектакл, па потоа нека си играат ѕвезди. Кога ќе излезат барем еднаш од клубовите и ќе успеат два часа да ја држат под контрола публиката во полна сала со нивна музика, тогаш ќе има место за нивното име во македонската концертна историја!

"Со други зборови", "Така требало да биде", "Небо", "Се што сакав по тебе", "Најбогат на свет",, "Есен", "Среќа" ... дуетските со Дани, Самарџиев, Тамара "Не те можам", "За љубов се пее до крај", "Гушни ме". Во одличниот концепт на концертот место имаше и за групата со која Илиевски ги направи првите естрадни чекори - Морал, а акустичниот дел го отвори со, како што рече, неговата најубава љубовна песна "Небо".

"Ајде да направиме небо", неговата желба - заповед за запалените фанови, кои и по два часа сакаа уште. Во свирката, која ја отворија младите надежни бендови Швалери и ЏМС, бенд кој го предводи Иван Иванов, синот на претседателот Ѓорѓе Иванов, кој во ВИП-ложата одлично се забавуваше до крајот на концертот, уживаа многумина колеги на Влатче.

"Пресреќен сум навистина, ќе го паметам концертот. Особено делот со трчањето по пистата. Не знам колку пати претрчав од едниот до другиот крај, се чувствувам како да сум трчал од Карпош до Аеродром", се пошегува Илиевски по завршувањето на концертот, кој во живо го следеа околу 10.000 фанови. Оние кои немаа можност да уживаа во живата свирка од есен тоа ќе можат да го направат благодарение на најавеното ДВД-издание. За таа цел концертот се снимаше со 17 камери, а снимен е и аудиоделот, па ќе биде пуштено и аудиоиздание.

"Чест ми е и огромно задоволство што токму Влатко е првиот македонски артист, кој успеа да ја наполни во моментов најголемата сала во Скопје. Се надевам дека успехот на Влатко ќе биде мотив за неговите колеги, да го следат и во иднина токму оваа сала да стане место за вакви музичи дружби. Нашата цел и желба вчеравечер станаа реалност. Го исполнивме ветувањето, го остваривме она што за многумина изгледаше нереално, но и докажавме дека и домашната музичка сцена има ѕвезди кои имаат публика доволна да се полнат огромни простори", рече првиот човек на План Б, продукцијата која стои зад Влатко Илиевски.

Потегот за многумина изгледаше нереален, а идејата рамна на лудост е она што можеше да се слушне пред концертот, а по него сешто може да се прочита по статусите на многу корисници на Фејсбук. Но, за жал, нивните приказни за гратиси, влечење луѓе по улици и слично паѓаат во вода затоа што факт е дека гратиси делат сите, но прашањето е кој секогаш ги користи подарените влезници. Да се потсетиме само на низата неуспешни концерти на неколкуте домашни музички имиња кои мамеа луѓе дури и со гага трпези, па на оние кои до половина сала влечеа паравани да го сокријат срамот... Значи, на крајот останува заклучокот или те сакаат или не, или имаш харизма или не. На Влатко ништо од ова, му се допаѓало некому или не, не му недостасува, а концертот му беше одличен. Големо браво!

А.Тимковска
Фото: Ѕ.Плавевски




Поврзани

Најнови вести

Коментари