Охридски трубадури 2017

Нов датум и нова локација, барем Охрид е ист!

Полека но сигурно се комплетира мозаикот за интернационалниот музички фестивал Охрид фест – Охридски трубадури 2017, што годинава наместо како досега на крајот од август ќе се одржи на 5, 6, 7 и 8 септември на кејот на Охридското Езеро.

Дел од песните за 24. фестивалско издание, дознаваме, веќе се завршени, а во финална фаза се и проектот за сценографијата, како и списокот на странските пејачи кои ќе настапат во рамки на Интернационалната вечер. Во склоп на фолк вечерта ќе настапат Благица Павловска, Горан Кукиќ, Петар Нечовски, Ленче Кукиќ, Милан Секуловски, групите Скопски боеми, Соната... А своја шоу програма ќе имаат членовите на Биоритам. Во забавниот дел, пак, силите ќе си ги одмерат Ристо Самарџиев, Мики Јовановски-Џафер, Влатко Илиевски, Лена, Пепа, Моротов бенд, Денис Димовски....

Од гостите засега сигурно е името на Кристијан Кики Рахимовски, синот на Аки од Парни ваљак, чија популарност во Хрватска порасна по победата во реалното шоу „Фарма". Тој е роден во Загреб на 18 јули 1981 година и долго време имаше проблематичен однос со својот славен татко.

„Имав три години кога татко ми едноставно замина од мене, а тоа остави голема празнина во мојот живот. Сепак, решив да му простам кога по подолго време се сретнавме, мислејќи дека дошло времето животот да го подолжиме како двајца паметни мажи. Но тој е непоправлив", вели Кики.

За Аки, пак, семејството е светост и треба да остане приватна работа, но вели: „Таа интима не сакам да ја распродавам по медиумите. Кристијан е мој син, моја крв, наследството се гледа и од тоа не може да се побегне. Пред три години бев во Скопје кај мајка ми, која го прославуваше 80. роденден и се собравме целото семејство. Тоа не може со ништо да се купи и не смее да се распродава!"

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари