ЈАНА БУРЧЕВСКА СЕ СПРЕМА ЗА КИЕВ

Можам да ветам финале!

"Тоа што сите ја истакнуваат „Dance alone" како еден од фаворитите, воопшто не ми создава притисок, напротив силно ме мотивира да го дадам најдоброто од себе во Киев", вели младата пејачка која домашната јавност ја запозна преку учеството во музичкото шоу "Идол". 

Јана Бурчевска интензивно се подготвува за претстојниот настап на Евровизија во Киев каде ќе ги брани нашите бои со темата "Dance alone". Младата пејачка во моментов работи на кореографијата со познатата Амбра Сучи, која беше задолжена и за кореографијата на победничката "Еuphoria" со која во 2012 година настапи Лорин.

Кореографката Амбра Сучи деновиве престојуваше во Скопје и работевме на сценскиот настап. Можам само да кажам дека целокупното претставување во Киев ќе биде сензуално, не сакам да откривам детали. Песната веќе ми е легната и извежбана, активно работиме на промоција на истата низ цела Европа и ме радува фактот што каде и да одам сите ја пеат "Dance alone" во еден здив со мене. На гости ни беше овогодишната евровизиска претставничка на Германија и супер си поминавме на промоцијата на нејзината песна", откри Јана која неодамна се врати од мала предевровизиска турнеја.

Имено, прва станица и беше Лондон, каде заедно со 21-годишен претставник учествуваше на првата и најстара евровизиска забава, а интересно е што дел од настанот одржан во реномираното Cafe de Paris во срцето на Лондон беа и двете победнички на Евровизија - Руслана и Кончита.

По Лондон, Јана отпатува во Израел на второто издание на Izrael Calling, каде ја промовираше и новата верзија на "Dance alone", која наместо со инструментален дел како на видеозаписот започнува во рефрен. Оваа верзија е официјална и за сценскиот настап во Киев. Промотурнејата на Јана заврши со учество на официјалната евровизиска забава Eurovision in concert, поддржана од ЕБУ, каде што годинава настапија рекорден број изведувачи; дури 35 од вкупно 43 земји учеснички годинава беа дел од овој промотивен настан.

Тоа што сите ја истакнуваат "Dance alone" како еден од фаворитите, воопшто не ми создава притисок, напротив силно ме мотивира да го дадам најдоброто од себе во Киев. Промотивната турнеја беше одлична подготовка за Евровизија и можност за усовршување, премногу сум возбудена и едвај чекам да заминам за Киев и повторно да ги сретнам моите евровизиски колеги, со кои навистина се зближивме овие десет дена и морам да кажам дека енергијата меѓу учесниците е фантастична", вели Јана.

Македонската евровизиска делегација за Киев заминува на 1 мај, а Јана ветува влез во финале.

Сигурна сум дека ќе влеземе во финале, тоа можам да го ветам. Не сакам да заминам во Киев со големи очекувања, тоа некако ме преоптоварува. Сепак, среќна сум што после толку време домашната публика е едногласна во ставот дека им се допаѓа евровизиската песна и тоа ми е најважно", заклучи Бурчевска.

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари