Свират како да не запреле пред 20 и кусур години

Меморија - Се е исто, освен што имаме помалку коса!

"Во Меморија ништо не е случајно, енергијата што ја имаме, оваа екипа овде, извинете што сум емотивен, е тоа е она што го прави Меморија дело коешто ќе остане со векови", вели Камиказа

18 ноември е денот кој Перо, Сале, Бане, Тино, Мичо и Поце го имаат заокружено во своите календари, зашто тогаш имаат закажана дружба со својата публика. Дружба со легендарните Меморија, која доаѓа по повеќе од две децении музичка пауза. Велат, иако направиле толкава пауза ништо не се сменило кај нив. Се било исто како и пред дваесет и кусур години, можеби што сега имаат само помалку коса. И денес свират со истиот жар, ги сакаат сите песни подеднакво зашто секоја си има свој спомен, слика, мирис... Меѓусебе се поврзани сите некако, некои ги врзува децениско пријателство, како што рече Сале, "од дечурлана до гроба", некои кумство, некои бизнис партнерство...

На дружбата со колегите, новинарите, пријателите, а која беше се само класична прес-конференција не, Драган Б. Костиќ, кој се најде во улога на модератор од едноставна причина што Перо Камиказа многу зборувал, па тој морал да ја преземе "палката" и да им остави простор и на останатите членови да кажат нешто за себе (а зборуваа многу, за себе, за музиката, за кариерите, за животот...) рече: "'96-та, концерт во Универзална сала, Меморија се наоѓаат во едно шише. Се вртат во него, не можат да излезат од него надвор. Надвор е Југославија која веќе е во војна, треба да останат тука, а тука направиле се што можеле. По концертот во Универзална сала, во едно меанче, на по една чашка ракија за живели, да се гледаме за арно, за добро, со здравје... И толку. Минуваат 21 година, сите тие луѓе си имаат свои судбини, свои професии, секој работел по нешто... се до 11 јануари 2016 кога приказната дека треба да се соберат конечно ги урива егата на поединците за да направи од поединци колектив. Се собираат и решаваат да настапат и настапуваат и тогаш сфаќаат дека "без старец нема ударец". Ајде да пробаме уште еднаш да покажеме дека не сме дале се од себе, дека можеме уште нешто и луѓето почнуваат да им веруваат. Имаат зошто."

Концертот на 18 ноември во Скопје, во Метрополис арената е всушност повратнички концерт за екипата која е стожерник во најдолгиот период на Меморија - група низ која минале речиси дваесет и нешто луѓе. Екипа од шестмина луѓе, секој сам за себе своја приказна, а тие отприлика течат вака:

Сашо Ангелов – Сале или човекот кој ја има најтешката работа - да ги намести тапаните и чиј удар се слуша надалеку вели: "Сега сум возрасен човек, искусен, на 55 години... Имам прекрасно семејство, сопруга која ми е најголема поддршка во целиот овој период, и син и ќерка. По струка сум економист и имав ретка среќа сите овие години да работам по струка. Во животот си поставив три цели – семејство, професија и музиката. Заради професијата на времето другар ми Перо често пати ме претставуваше како благајник, иако не сум тоа, па бев задолжен за парите на сите концерти. Во еден момент ми се случи да бројам вреќа пари која не ја ни доброив. Автомобилот се клацкаше и постојано ми паѓаа купчињата ха, ха, ха... Инаку, веднаш ја прифатив идејата да ја заживееме Меморија."

Бане Поповиќ сега првиот човек на Томато продукција и човекот кој со Меморија ќе остане во една прекрасна приказна за една од можеби најубавите балади "Нашите слики", чиј автор е, вели: "Имам ќерка, жена, што би рекол Сале, прекрасно семејство. Ќерка ми ја студира, за жал, истата моја професија - филм и медија. Инаку, почетоците ни се со концертот на Бијело дугме 74 година кога го гледаш некојси Бреговиќ што не го ни познаваш и си велиш е ова е патот што ќе ме води цел живот. Се почна од гитарите, прво се сонуваат, па доаѓа периодот кога ги купуваш... Од нив никогаш не е доста, секогаш има некоја која ти недостасува. Томато, пак, е некако надградба на сето, некоја нова врата која не ја ни сонував бидејќи моите почетоци беа да се занимавам со адуио продукција, но ете отворив некоја нова врата која се создаде пред 18 години. Имавме различни периоди во животот, годините ни поминаа што ни поминаа, секој си го фати својот пат, кога се собравме сфативме дека иако поминале 20 и кусур години ништо не се сменило. Секој од нас е ист, какви што сме биле, нормално со помалку коса, повеќе години..."

Димитар Мичо Божиков има и самостојна кариера, и професија, и семејство со двајца наследници, и на полето на музиката и на полето на уметноста. Вели можеби не се на врвно музичко ниво, но во Меморија имаат една друга нишка која дава многу повеќе - дружбата ја надминува музиката.
"Сликар сум по образование, но некако влегов во светот на дизајнот, па затоа и се шегувам дека јас сум најдобриот сликар меѓу гитаристите и најдоброт гитарист меѓу сликарите, плус и најдобар рибар меѓу гитаристиве и најдобар гитарист меѓу рибарите. Не знам некако дизајнот повеќе ме влечеше, а и сликарството во тие години не се ценеше многу. Музиката е неизоставен дел од мојот живот без исклучок."

Валентино Тино Скендеровски, професор на музичка академија, човек низ чии раце и студио минале десетици и десетици групи и поединци, човек кој има една многу доблесна работа затоа што создава нови кадри во различни сегменти на музицирање. Аранжер, продуцент, композитор... иако вели дека не се декларирал како композитор затоа што песни не правел самоиницијативно, туку кога ќе го "запнеле".

"Јас ја имам среќата дома да сум опкружен со три жени, можам да кажам дека имам најпрекрасно семејство. Со мојата сопруга Фани заедно работиме во нашето музичко училиште, мојата постара ќерка Ева е дипломиран актер, реализирана личност, вработена во Театар Комедија, а малата Миа е мултинструменталист и не си оди во училиште многу, многу ха, ха, ха... Тешко е со три жени, ама мсиалм дека ним им е потешко од мене. Инаку, животот носи многу чудни работи, па и мојот животен пат се одвиваше, за мене, сосема неочекувано. Некаде од 2007 почнав да работам како предавач на ЕСРА, станав и декан, па почнав да предавам на Универзитетот Гоце Делчев – Штип... Моја задача таму е од студентите да изведам тонци и музички продуценти и засега е добро. Инаку, мојата работа малку ми е шарена, некогаш работиш фестивалска музика, некогаш народна, панк, рок, метал... Меморија за мене претставува дел од мојот живот кој има голем печат удрено врз тоа како сум се развивал како музичар и како човек понатаму, не заради музиката којашто сме ја правеле туку заради дружењето."

Петар Ѓоргиевски – Камиказа со него, вели Костиќ, секогаш имал мака, не ретко доаѓале и во некоја вербална колизија, но никогаш со крајна намера. За него ќе рече тој е актер, моторџија, басист, растурил многу групи, ама, за среќа, направил уште повеќе, деловен човек води фирма за комплетна организација на настани, силен на јазик, ако му ги слушнете приказните ќе речете не ова не е приказна на еден човек, ова се неколку луѓе во една иста приказна, човек кој има интересно минато, трчач... Има 55 години, а изгледа како момче од 35.
"Имам две деца, син Кристијан кој е бренд менаџер на најголемата казино корпорација во САД, магистрираше со чиста 10 на Љубљанскиот државен универзитет, течно зборува пет јазика и сум многу горд на него. Ќерка ми е наследникот на компанијата и успешно го прави тоа, во последнава година колку што се бавам со Меморија речиси се води таа. Сопругата не смеам да ја заборавам што била тука сиве овие години за да ги издржи сите овие уметнички фрустрации, зашто јас сум навистина малку чуден лик и нема ден кога не ми текнува некоја глупост да направам."

Апостол Поце Икономов, човекот кој како вокал секогаш бил пред сите и во центарот на вниманието, потекнува од музичко семејство и нема инструмент, всушност тоа е неговиот прекрасен глас. И животот на Поце, кој денес е семеен човек, е испреплетен со музика.

"Потекнувам од музичко семејство во кое има доста таленти, но најбитниот од сите е Константин Коце Икономов, мојот чичко. Тој е пионерот на рокенролот во Македонија, своевремено најдобриот виолинист и дипломиран доктор. Тој ми беше иницијалната каписла за да пукнам во музиката. Семеен човек сум, жена – правник и две ќерки, исто три жени се во прашање и кај мене дома, ха, ха, ха... Инаку, се чувствувам како никогаш да не сме престанале да се гледаме, како да не поминале толку години. Ништо како да не се сменило, се е потполно исто."

А.Тимковска
Фото: Н. Батев

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари