ПРИКАЗНА ЗА ЛЕГЕНДАТА

Јоксимовиќ и Бјелогрлиќ прават филм за Тома Здравковиќ

Музичарот Жељко Јоксимовиќ, фасциниран од ликот и делото на неверојатниот Тома Здравковиќ, решил заедно со режисерот и актер Драган Бјелогрлиќ да направи филм за овој великан на екс ју-сцената

"Веќе две години Драган Бјелогрлиќ и јас подготвуваме приказна за филм за Тома Здравковиќ. Наша желба е да ги зачуваме великаните од заборав, тоа е некое потсетување со обврска. Филмот нема да биде за Тома, туку за тоа како ние го гледаме, уметничко гледање на сето она што тој успеа да го направи во животот и да го остави зад себе", рекол Јоксимовиќ за српските медиуми.

Имено, Јоксимовиќ и Бјелогрлиќ филмот го снимаат како продукциски партнери, а ова не им е прва соработка бидејќи зад себе веќе го имаат филмот "Ивкова слава" за кој Јоксимовиќ ја направи музиката. Филмот би требало да биде направен според новелата на Никола Пејаковиќ. Дозвола за снимање веќе добиле од Бане Обрадовиќ, кој е носител на правата и делото на Тома Здравковиќ, а организираше и концерт во сеќавање на Тома и подигна споменик во Лесковац, како и спомен-плоча во Белград.

"Музиката на Тома е антологиска, тоа е автентична музика на автентичен човек", вели Бјела.

Инаку, пред десетина дена беа одбележани 26 години од смртта на пејачот, кој важеше за еден од најголемите боеми во поранешната држава. За време на својот живот се женел четири пати, а секоја нова љубов и крај биле инспирација за трогателна мелодија. Сите негови песни се проткаени со најдлабоки емоции кои ги негувал кон своите жени и трагичните љубови. Почина во 1991 година, на 53-годишна возраст.

Поврзани

Најнови вести

Коментари