Бранко Ѓоргиевски - Кецовски ја откри тајната чувана 30 години:

Фељтон во ВЕЧЕР ми беше инспирација за антологиската "Каде сте Македончиња"!

За нејзиното раѓање пресуден факт беше тоа што во тоа време веќе подолги години живеев во Аделаида, каде што македонската заедница е претежно составена од нашинци од Егејскиот дел на Македонија, а многумина од нив се токму некогашните деца бегалци. Во исто време, токму во Вечер почна да излегува фељтонот "Каде отидоа Македончињата"...

"Годинава го прославувам мојот најголем јубилеј, 30 години од создавањето на антологиската песна "Каде сте Македончиња". Песната за прв пат беше изведена од Александар Сарев на Фолк фест Валандово во 1987 година, но ја напишав една година претходно. За нејзиното раѓање пресуден факт беше тоа што во тоа време веќе подолги години живеев во Аделаида, каде што македонската заедница е претежно составена од нашинци од Егејскиот дел на Македонија, а многумина од нив се токму некогашните деца бегалци. Во исто време, токму во Вечер почна да излегува фељтонот "Каде отидоа Македончињата" од, ми се чини, Коста Поповски. Така. комбинацијата од влијанието на фељтонот и искажувањата на децата бегалци од Аделаида резултираше со раѓањето на песната "Каде сте Македончиња". Во тоа време, се сеќавам, најважното нешто ми беше во песна да го искажам, пренесам, тоа што го слушав од моите соговорници и тоа што тие го споделија со мене, тие нивни трауматични доживувања и патешествија останаа присутни до ден-денеска. Во тој момент, ниту јас, најмалку јас, ниту кој било друг не посмислувал дека песната ќе го доживее тој успех што го доживеа, па ниту за моќта и движечката сила што ја покажа во годините на осамостојувањето на Македонија", се присетува таткото на антологиската тема Бранко Ѓоргиевски - Кецовски, кој во Австралија заминал во далечната 1981 години.

Вели, заминал од чисто авантуристички побуди, но како се вели - никогаш ништо ниту може да испланира ниту да се предвиди, па така и останал таму до ден-денес.

"Во песната нема никакви биографски елементи. Не, јас не сум бегалец, иако еден познат композитор, колега, на времето ми рече дека, песната не може да ја напишал некој којшто не ги преживеал маките и страдањата на децата бегалци. Значи, јас не сум еден од тие деца бегалци, роден сум во Драчево крај Скопје, во Кецовци, една од најстарите фамилии во селото", раскажува Ѓоргиевски.

Околу изборот на пејачот, кој вели бил исклучително важен и како што сега стојат работите 100 насто успешен, се договарал со неговиот тогашен многу близок и долгогодишен соработник и аранжер на песната, легендарниот кларинетист и композитор Драги Митев, кој воедно бил и шеф на фестивалскиот оркестар во првите 6-7 години. Мислење било побарано и од тогашниот уметнички директор Костадин Костадиновски. Изборот паднал на веќе реномираниот и искусен пејач Акександар Сарев, кој песната ја отпеал маестрално и многу, многу трогателно. "Полн погодок", вели Ѓоргиевски, кој зад себе има четири албуми со околу четириесеттина песни. "Македонијо земјо најмила", "Каде сте Македончиња", ,"Еј збогум мој роден крај", "Плачи срце исплачи се", "Елизабета" ... се само мал дел од опусот на овој плоден автор, кој, вели, дека страницата со овој вид на музика која досега го исполнувала неговиот живот пополека се затвора.

"Кога една се затвора, тогаш логично е дека треба да се сврти нова, така што погледот ми е насочен кон нешто друго, за кое во моментов не би можел да разговарам. Можеби во иднина, кога сето тоа ќе се искристализира и ќе добие своја видлива форма, во некој друг разговор... Можеби... Да сме живи и здрави, што се вели", ја заврши својата приказна авторот на антологиската "Каде сте Македончиња" .

А.Т.

Поврзани

Најнови вести

Коментари