Ебате Балканот без Џони Штулиќ

Малку се музички бендови кои се повеќе од дваесет години надвор од сцената, а публиката се уште ги обожува. Малку, но сепак ги има. Азра со Џони Штулиќ се еден од тие ретки примери. Многу музички, лични и политички драми и мистерии остануваат неразјаснети и нераскажани зад овој бенд, особено зад духот на Џони Штулиќ, многу неоткриени детали и многу загатки кои чекаат одговор. Една од тајните доби одговор.

Познато е што е заднината и пораката на мегахитот Балкан на групата Азра и Џони Штулиќ.

За поновата генерација, да појасниме дека Азра и Џони Штулиќ (роден во Скопје) со своите девет албуми се врв на ангажираниот рок енд рол во немирните осумдесетти години, и тоа не само во држава со над дваесет милиони жители, туку и пошироко. Тешко дека може да се спореди со некоја група денес, бидејќи севкупното културно, музичко, урбано филозофско но, и политичко влијание на Азра во Југославија никој не успеал да го повтори. Од лирски балади како Грација, Као ти и ја... до класичен рок енд рол но, и длабоко политички и патриотски ангажирани нумери како Балкан и Курвини синови, Бела чао, Немој по глави друже плави... 

Своите мотиви за музиката и песните Џони Штулиќ никогаш не ги објаснувал, на секое прашање од новинарите одговарал цинично, иронично или со филозофски пристап од класиците. Новинарка на весникот Политика Експрес во 1988 го прашала Џони Штулиќ зошто еден генетски рокер и урбан лик како него пее политички текстови и патриотски песни кои сам ги пишува... Џони Штулиќ одговорил кратко: нема ништо во песните од тоа.

А Балкан, зарем тоа не е чиста политика? Балкан... дали ги слушнавте првите стихови на песната „Moja kita miruje a furala bi furke. Balkane moj, budi mi silan i dobro mi stoj" ... Балкан, кај мене тоа е мојот пенис. Тоа е Балкан, обичен курац, одговорил Џони Штулиќ... кој разбрал - сфатил. Така, откриена е една од тајните на неговата политичка перцепција во стиховите и неговата музика.

Во 1990 година групата Азра, на својот врв, по концертот во Хвар објавува дека се растура, и не постои веќе. Џони Штулиќ уште неколку години повремено настапува соло со рок обработки на етно мотиви а потоа, повторно без видна причина, дига раце од музиката и се сели во Холандија објавувајќи дека ќе се посвети на филозофијата и превод на Илијада од Хомер. Денес живее како апатрид, по распадот на Југославија не сака да земе пасош од ниту една држава.

http://www.6yka.com/novost/36914/dzoni-stulic-vraticu-se-na-balkan-kad-s...

Која е популарноста на Азра и Џони Штулиќ денес? Балкан, само со оваа снимка ( а ги има десетина објавени на Јутјуб од истата нумера)  има околу 2.400.000 прегледи! Некои други нумери како Усне зреле вишње, Филигрански плочници или Вољела ме није ниједна имаат и над 5 милиони Јутјуб прегледи.

 

 

 

 

 

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари