ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ КОИ МИНУВААТ НИЗ ЖИВОТНА ДРАМА

Беа очи во очи со смртта и ја победија!

Познатите личности, без разлика колку нивните животи изгледаат како од бајка, минуваат низ тешки животни судбини и голем број од нив се борат со тешки болести. Па така, српскиот актер Љубиша Самарџиќ минатиот месец имаше операција на мозокот од која се опоравува во моментот, Дона Арес после две години успеа да го победи ракот, а на домашен терен како вистински борец се покажа и Виолета Томовска која херојски му се спротивстави на ракот и нормално, исто како босанската колешка извојува победа.

Виолета Томовска е една од најхрабрите дами на домашната сцена. Имено, пејачката случајно, додека била на турнеја, забележала дека нешто чудно се случува со нејзините гради и веднаш после првиот преглед и бил дијагностициран рак на дојките.

Бев на турнеја, кога забележав дека нешто се случува со моите дојки. Тоа многу ме изненади. Една моја пријателка која, исто така, е оперирана од карцином на дојка, претходно ми објасни што се случува, и си реков кога ќе се вратам дома, прво што ќе направам ќе одам на преглед. Веднаш ме снимија и ми направија пункција. Имав тумори на двете дојки", раскажува Томовска, која од карцином на дојка била оперирана во 1983 година.

Веднаш по откривањето на карциномот, таа заминала во Љубљана каде што и биле отстранети двете гради. Вели дека лекарите ја убедувале да не се плаши и оти ќе може да продолжи нормално да живее и да се занимава со музика.

Во првиот момент не се плашев и си реков што ќе биде, ќе биде. Мојата постара ќерка тогаш имаше 17 години, а помалата ќерка пет, и си реков дека сакам да го живеам животот за децата. Мислев дека најпаметно е да живеам за себе и за семејството, да можам да работам и да творам додека можам. Но, по сето ова, ако кажам дека ми беше сеедно, ќе излажам. Се потрудив да се преиспитам себеси дека сум многу емотивна личност како уметник, и дека ако паднам во депресија, никогаш нема да оздравам", се присетува на болните моменти Томовска.

Според неа, најважно е секоја жена што се бори со оваа болест да сфати дека мора од корен да го промени начинот на живеење, и да научи да се гледа себеси и сопственото тело на поинаков начин.

Српскиот актер Љубиша Самарџиќ пред еден месец е опериран во Клиничкиот центар во Србија. Операцијата на мозокот на актерот ја извел најдобар тим на доктори, а хируршката интервенција траела неколку часа. Актерот го очекува долг период на опоравување.

На босанската пејачка Азра Колаковиќ или попозната како Дона Арес во 2014 година и беше дијагностициран рак. После две години терапија и борба за живот, пејачката конечно успеа да ја победи болеста, но нејзината борба беше долга и исцрпувачка. Во април 2015 година ја доби првата битка и метастазите ги снема, но во мај 2016 година и беше соопштено дека постои можност ракот да се врати. Потоа следуваше уште една борба од која пејачката повторно излезе како победник.

Познатиот тениски ас Јанко Типисаревиќ има преживеано три операции, а причина за тоа е туморот кој имаше зафатено дури три четвртини од петицата на неговата лева нога. Очај, трпение и грижа со него делеше и сопругата Билјана со која е заедно веќе 10 години. Паузата после операцијата и опоравувањето траеше 11 месеци и после тоа повторно се врати на терен.

Ѕвездата од серијата "Беверли Хилс" Шенон Доерти повеќе од една година се бори со ракот на дојката, а откако направи мастектомија и соопштија дека ракот е проширен.

Верувам дека движењето многу ми помага во процесот на лечење. Не е секогаш лесно и се случува да не сум во состојба да вежбам, но се трудам да најдам сила затоа што знам дека кога сум физички активна ги исфрлам токсините од организмот. Понекогаш вежбите се лесни, некогаш се тешки, но клучот е во движењето. Вежбањето е лек за секоја болест", порачала актерката.

Австралиската пејачка Кајли Миног во 2005 година се бореше со ракот. После осум месеци хемотерапија и операција, Кајли објави дека е излекувана.

Кога се борите со нешто поголемо од вас, сфаќате колку всушност имате сила", рече пејачката.

Тони Брекстон уште во својата 15-та година од животот се соочила со тешка болест. Имено, на пејачката и бил дијагностициран лупус, а минатиот месец повторно заврши во болница поради компликации. Таа во јавноста откри дека боледува од оваа болест дури во 2010 година.

Џон Њумен дури четири години криеше дека боледува од рак, а за британските медиуми неодамна проговори за тешката борба со болеста.

Искрено се надевам дека операцијата и хемотерапијата ќе бидат успешни. Пред две години успеав да го победам ракот, но ете, сега повторно се врати. Откако дознав дека пак се шири, некако сум посмирен. Што треба да биде, нека биде, јас само сакам да уживам во животот, но спремен сум и за најлошото", изјавил пејачот за "Мирор".

 

Поврзани

Најнови вести

Коментари