Украина и Сирија беа дебакл... што ќе се случи во Северна Кореја

Зошто ЦИА не ги предвидe потезите на Путин во Украина и Сирија

Неколку влијателни американски конгресмени уште пред две години започнаа истрага преку разузнавачките одбори на Сенатот и Конгресот за делувањето на ЦИА и останатите разузнавачки агенции кои направиле крупни пропусти во процената на руските акции во Сирија. Иако за ова не е покрената јавна расправа, медиумите на сиот глас зборуваат за многу детали од разузнавачкото фијаско.

Не примаме разузнавачки податоци до окружувањето на Путин, зашто таму немаме наши луѓе и тоа е основната причина за „разузнавачкото слепило", се бранат провиканите.

- Забележале дека нешто се случува, но не ја процениле магнитудата, вели неименуван извор од Конгресот опишувајќи ја делотворноста на работата на американските служби кон Русија.

Американските шпионски агенции внимателно ги следеле потезите на рускиот претседател и натрупувањето војска и вооружување во Сирија дури во последните неколку недели, а на темел на тие сознанија реагирала Белата куќа барајќи од Москва објаснување. Но, иако ја насетиле намерата на Путин, останале затечени од брзината и од агресивноста на акцијата, но и од листата руски цели, на која се нашле и „умерените" бунтовници под контрола на САД.

Со ненадејно и ефикасно зајакнување на позициите во Сирија, Русија истовремено ги откри слабостите на стратегијата на Вашингтон на Блискиот Исток и наглата ерозија на влијанието во тој регион. Недостатокот на сигурни информации би можел да ја оневозможи администрацијата на Доналд Трамп адекватно да одговори на рускиот предизвик во иднина бидејќи за САД нови војни секако ќе има.

САД веќе долго не можат да фатат чекор со потезите на Русија, за кои велат дека се неочекувани и непредвидливи. Едноставно кажано, напросто немаат идеја кој ќе биде следниот чекор на Путин. Над непредвидливоста на руската политика ламентираа западните политичари и теоретичари уште пред Крим да отиде под руско знаме, а потоа тоа на сите требаше да им биде јасно дека нешто запнало во работата на разузнавачките служби.

Западните медиуми ретко ја пропуштаат можноста кога ќе го споменат рускиот претседател, да нагласат дека Путин е поранешен агент на КГБ, но веројатно не очекувале дека руската „развјодка" (разузнавачка мрежа) ќе остане недопирлива за западните служби.

Американците денеска вперуваат со прст едни во други одрекувајќи се од вината за фијаското што го претрпеа сите заедно во Сирија, но и во Украина. Разузнавачите тврдат дека на застапниците им доставиле податоци со предупредување дека Русите подготвуваат воени операции во Сирија, недели пред нивниот почеток на 30 септември.

- Која било инсинуација дека разузнавачката заедница била изненадена од руската воена помош на Асадовиот режим, е заблуда. Членовите на Конгресот имаа пристап до разузнавачките податоци за движењето на руските авиони во Сирија и за натрупувањето копнени трупи. Можеа тоа да го прочитаат како сакаат, наведува извор од разузнавањето.

Од канцеларијата на тогашниот директорот на 17 Национални разузнавачки служби, Џејмс Клапер, соопштено беше дека „за неколку години разузнавачката заедница осигурала редовни процени на руската воена, политичка и финансиска поддршка на режимот на Асад" и дека „во последните неколку месеци ги следела и известила за одлучноста на Москва да има директна улога во зачувувањето на Асад на власт".

Министерството за одбрана исто така отворило истрага за наводите дека високи разузнавачи во ЦИА манипулирале со извештаите, прикажувајќи розова слика за американската воздушна кампања против ИСИС.

Од друга страна, конгресмените испитуваат како можело исполитизираната стратегија за воена обука во Сирија и во Ирак на администрацијата на претседателот да доживее крах. Белата куќа го потврдила квалитетот на разузнавачките извештаи за Сирија истакнувајќи дека и новинарите го следеле распоредувањето на авионите и руските копнени трупи.

- Не мислам дека некој би можело да очекува Русија да не е подготвена да го употреби тоа вооружување за она што го гледа како свој интерес во Сирија. Не мислам дека тоа е некакво изненадување. Уште пред Русија да ги започне воените активности, претседателот рече дека одлуката на Москва воено да го засили влогот на Асад била изгубен облог, тврдеше портпаролот на тогашниот претседател Обама, Џош Ернест. Тој повторил дека претседателот Обама изјавил дека пред почетокот на руската воена операција нагласил дека „ние и понатаму веруваме дека тоа е вистина".

И покрај верувањето на Белата куќа дека ќе пропадне акцијата на Путин во Сирија, конгресмените покренаа истрага, додека медиумите ја потсетуваат јавноста на тешките разузнавачки промашувања од Украина минатата година, кога Русите неочекувано го зазедоа Крим.

„Тоа не го предвидоа нашите разузнавачки служби. Добро е познато дека тоа е уште еден наш голем неуспех поради нашето вкупно лошо толкување на намерите на Владимир Путин", му рече републиканскиот сенатор Џон Меккејн на тогашниот министер за одбрана Чак Хегел.

По тој повод реагирал Клапер, кој се обидел да ги заштити своите луѓе велејќи дека во неговата кариера имало пропусти, но Украина не е еден од нив.

„Многу внимателно ја следевме ситуацијата во Украина и насетивме кои се можностите и сигурно ги прикажавме тешкотиите кои ги имавме поради движењето на руските војници и испративме антиципирачко предупредување за да можеме да упаднеме во Крим", рече тој.

Дебатата за разузнавачките процени за успешните руски воздушни напади во Сирија се води по истиот образец, а републиканецот Адам Шиф од разузнавачкиот одбор изјавил дека сигурно е вистина дека „ретко кој можеше да предвиди дека Путин ќе реагира на слабеењето на положбата на Асад со испраќање воени авиони и со јакнење на поморската присутност".

Тоа сугерира дека застапниците имале увид во разузнавачките извештаи, но изгледа тие не биле доволно прецизни за да сфатат во Конгресот како ќе се развиваат настаните, а Шиф истакнал дека не треба да се брза со барањето грешка во работата на разузнавачката заедница која не можела да проникне „во главата" на Путин.

Воените и разузнавачки експерти девет дена пред Русија да ја започне акцијата во Сирија предупредиле дека од очевидци дознале на социјалните мрежи дека руски дронови ги извидуваат потенцијалните мети.

Според Шиф, „Путин ноторно се држи до тесен круг луѓе и внимателно ја спроведува стратегијата на импровизација и непредвидливост", поради што САД не успеваат да проникнат во неговите планови и да ги согледаат рамките на руското военo делување.

Поранешниот американски амбасадор во Москва, Мајкл Мекфол, кој важи за водечки стручњак за Русија, лаконски искоментира дека „Путин сака да изненади" и запраша што би било поинаку ако шпионските податоци пристигнеле во Белата куќа 48 часа порано пред Путин воено да се ангажира во Сирија, која сега по речиси целосното уништување на ИСИС и давање нов живот на Асад стана централна стартешка тема за САД.

- Мораме да бидеме сигурни дека сме дале соодветен приоритет на т.н. тврди цели како Русија, вели Шиф, додека поранешниот амбасадор на САД во Украина, Џон Хербст оценува дека не се изделени доволно разузнавачки ресурси за анализа на Путин.

Неименувани извори наведуваат дека службеник на ЦИА, одговарајќи на прашање на конгресмен, рекол: „Според вас ние треба да бидеме ебени читачи на мисли", притоа признавајќи дека нема свои луѓе во опкружувањето на Путин.

Конгресмените внимателно ќе ги исчитаат сите извештаи кои пристигнувале со месеци пред да поттикнат јавна расправа, но и врз основа на официјални и неофицијални информации од медиумите може да се заклучи дека во американските разузнавачки кругови владее непријатна атмосфера која се граничи со паника. Им се случи теѓок превид во Сирија, а немаат никаква претстава како би се однесувал Путин во случај на напад врз Северна Кореја.

По откритијата на Викиликс и откако Сноуден со себе во Русија пренесе повеќе десетици илјади документи, разузнавачките служби во САД имаат доволно проблеми и без Путин.

Па, дали е јасно кој и како потфрли, и не дозна на време за плановите на Путин?

Веројатно од изјавите на најповиканите тешко може да се разбере тоа, секој во Вашингтон вината ја префрла на друг. А во основа ЦИА и другите разузнавачки агенции на САД станаа арогантни, инертни и премногу се потпираа на моќта да ги следат комуникациите, патот на парите и информатичката размена во целиот свет. Потфрли - факторот човек.

И додека американскиот разузнавачки систем се наоѓа во криза и на пресвртница, во Москва веќе 90 години важат истите правила, кои во основа се сведуваат на тоа дека размена на политички информации на приватно ниво практично и не постои, а без електронска комуникација ЦИА е немоќна.

Поврзани

Најнови вести

Коментари