Британија и Русија со слични ставови

За Сирија не се согласуваме само околу иднината на Асад

Британскиот министер за надворешни работи, Филип Хамонд, изјави дека Велика Британија има многу идентични погледи со Русија околу работите и состојбите во Сирија, како што е потребата од уништување на групата Исламска држава.

Во разговор за Би-Би-Си, Хамон вели дека единствената работа за која Лондон не се согласува со Москва е иднината на сирискиот претседател Башар ал Асад.

- Велика Британија како и мнозинството од нашите сојузници, веруваме дека Асад треба да си замине, како составен дел од сириската транзиција, рече шефот на британскиот Форин Офис.

Официјален Лондон ја измени претходната позиција, кога инсистираше на заминување на Асад пред да почнат преговорите за мирно решение на сирискиот конфликт, па сега се согласува и актуелниот претседател, или сегашната власт во Дамаск, да бидат вклучени во преговарачкиот процес.

Русија која од почетокот на конфликтот стои зад Асад, смета дека одлуката за неговата иднина може да ја донесе само народот на Сирија, а не некој однадвор.Руските авиони од минатиот месец се вклучија во бомбардирање на позициите на Исламска држава во Сирија, иако Москва не е дел од меѓународната коалиција против ИД, што ја предводат САД.

Велика Британија уште од 2013 година се определи да се бомбардираат позициите на ИД, само во Ирак, затоа што владата не доби поддршка за проширување на операциите и на сириската територија.За да се промени одлуката треба да има ново гласање во Долниот дом на британскиот Парламент, но владата не сака да го отвори тоа прашање, затоа што знае дека нема поддршка меѓу пратениците.

Лондон засега се определи само да ја критикува Москва за решението да се вклучи во бомбардирањето, тврдејќи дека руските авиони не ги напаѓаат позициите на ИД, туку на другите исламистички групи, меѓу кои се и оние што ја имаат поддршката на Западот.
Британија, како и САД, верува дека руските напади се насочени за да му се помогне на Асад да остане на власт.

Поврзани

Најнови вести

Коментари