Вознемиреност во Пацифичкиот регион

Војната со Северна Кореја би била катастрофална, Јапонците купуваат засолништа

Најзагрозен од заканите е малиот пацифички остров Гуам кој дојде во центарот на вниманието на светската јавност, откако Северна Кореја објави план за ракетен напад врз оваа американска територија во западниот дел на Тихиот Океан

Можна војна меѓу САД и Северна Кореја би била „катастрофална", призна американскиот министер за одбрана Џејмс Матис.

Тој додаде дека САД сепак, ќе бидат подготвени ако биде потребно.

- Војната е позната стратегија и нема потреба да се нацрта и таа би била катастрофална, изјави првиот човек на Пентагон во време кога претседателот на САД Доналд Трамп ја зајакна жестоката реторика кон Северна Кореја.

Министерот за одбрана рече дека негова одговорност е подготвувањето на воената опција ако биде потребно, но САД заговараат дипломатски пристап за северкорејската закана.

Обединетите нации, пак, соопштија дека генералниот секретар Антонио Гутереш е „вознемирен" поради се поострата реторика на сите страни во нуклеарниот спор околу Северна Кореја.

Портпаролот на ОН, Стефан Дижарик изјави дека Гутереш „ги поздравува сите иницијативи што ќе помогнат во деескалација на тензиите и враќање на дипломатијата".

Целата оваа напната ситуација предизвика паника кај населението од земјите во тој регион.

Во Јапонија, заканите кои деновиве ги упати севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, се сфаќаат прилично сериозно, пишува „Индепендент", наведувајќи дека продажбата на подземни бункери во случај на војна порасна за неколкупати.

Јапонија, покрај Јужна Кореја, е земјата што би можела прва да се најде на удар на Пјонгјанг, бидејќи Северна Кореја се почесто се заканува со нуклеарна војна.

Некои јапонски компании, кои се занимаваат со изработка на засолништа во случај на војна, објавија дека вовеле листа за чекање, а се зголемила и продажбата на прочистувачи на воздух во случај да дојде до војна со хемиско оружје.

Дека во Јапонија владее страв од војна докажува и фактот дека американските фирми кои се занимаваат со изработка на засолништа се натрупани со побарувачка од Јапонците.

Меѓутоа, не се загрижени само граѓаните. Јапонската Влада на телевизиски канал емитуваше спот во кој се советуваат луѓето како да се однесуваат во случај на напад.

Дел од мобилните ракети, исто така, е преместен во Токио.

Експертите оценуваат дека проектил од Северна Кореја до Јапонија може да стигне за десет минути.

Сепак, најзагрозени би биле жителите на малиот пацифички остров Гуам кој дојде во центарот на вниманието на светската јавност, откако Северна Кореја објави план за ракетен напад врз оваа американска територија во западниот дел на Тихиот Океан.

Ваквата најава од Пјонгјанг предизвикува загриженост кај 160-те илјади жители на Гуам дека нивниот остров би можел да биде жртва на евентуален конфликт меѓу САД и Северна Кореја.

Островот Гуам е американска прекуморска територија уште од 1898 година. Тој е најблиска американска територија до Северна Кореја, која од Корејскиот Полуостров е оддалечена околу 3.000 километри.

Аналитичарите проценуваат дека евентуален севернокорејски ракетен напад врз Гуам ќе претставува „чиста демонстрација на сила", но и доказ дека ракетната програма на Северна Кореја е во постојан прогрес.

Стратешкото значење на Гуам е и во тоа што на него се наоѓа американска веона база опремена со противракетниот систем ТХААД, кој може да пресретнува интерконтинентални ракети. Во оваа база се стационирани околу 7.000 американски војници, како и бомбардери од типот Б-52, кои имаат можност да носат и атомски бомби.

Во вакви услови, се повеќе растат загруженоста и стравот меѓу жителите на Гуам, кои се американски државјани, но немаат право на глас на изборите во САД.

- Се плашиме. Мораме да се подготвиме доколку се случи нешто и се молиме на Бога да не се случи ништо. Сите сме во паника, изјави 56-годишната жителка на Гуам, Дејзи Мендиола за магазинот „Тајм".

Весникот наведува дека жителите на Гуам стравуваат дека актуелната американска Администрација нема да може да најде мирен излез од кризата, која од ден на ден се повеќе се вжештува.

Најнови вести

Коментари