Во турските операции во Сирија за три дена загинале најмалку 54 борци и 24 цивили

Најмалку 54 курдски борци и протурски сириски бунтовници загинаа во тридневниот конфликт во северозападниот дел на Сирија, каде што Турција започна офанзива во курдската енклава Африн.

„Во турските бомбардирања и напади беа убиени 26 борци во курдски камп“, изјави директорот на сириската опсерваторија за човекови права, Рами Абдел Рахман.

Тој, исто така, ја потврди смртта и на 19 борци од страната на сириските бунтовници, поддржани од Анкара. Покрај тоа, „девет тела сè уште се неидентификувани“.

Од саботата, 22 цивили загинале во турски бомбашки напади, а две лица загинале при курдските бомбашки напади врз побунетите сириски територии поддржани од Анкара.

Анкара негира дека при нападите на турските сили загинале цивили. Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, порача дека турските сили брзо ќе ја завршат операцијата во Африн, нагласувајќи дека Турција е решена да ја исчисти таа област од „Единиците за заштита на народот“, која Анкара ја смета за терористичка група.

Турскиот премиер Бинали Јилдирим претходно изјави дека Турција има намера да создаде безбедносна зона од 30 километри по должина на границата со Сирија во провинцијата Африн и да ѝ обезбеди контрола на над 10.000 квадратни километри територија на „Слободната сириска армија“, која ја поддржува Анкара.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари