Ќе има ли мирно решение на кризата?

Трамп го билда рејтингот, Северна Кореја собра 3,5 милиони доброволци за војна

И Австралија е подготвена да се приклучи во евентуалниот конфликт со Северна Кореја, доколку се случи САД да бидат нападнати, изјави австралискиот премиер

Северна Кореја соопшти дека речиси 3,5 милиони работници, членови на партијата и резервисти доброволно се јавиле да и се приклучат на војската во борбата против САД и во отпорот против новите санкции на Обединетите нации.

Севернокорејски весник „Родонг Синмун" наведе дека доброволците се јавиле, откако државните медиуми во понеделникот објавија соопштение со кое се осудуваат новите санкции на ОН како одговор на ракетната проба на Пјонгјанг.

Во меѓувреме, Јапонија распоредува свои системи за противракетна заштита „Патриот", откако Северна Кореја се закани дека ќе лансира балистички ракети, кои над јапонската територија ќе летаат во правец на пацифичкиот остров Гуам.

Регионалните тензии се зголемуваат додека Вашингтон и Пјонгјанг ја зајакнуваат воената реторика, а претседателот Доналд Трамп предупреди дека Северна Кореја „вистински ќе зажали" доколку изврши каква било непријателска акција против САД.

Јапонското Министерство за одбрана почна да распоредува антиракетен систем ПАЦ-3 во Шиманео, Хирошима и Кочио во западниот дел на земјата, кој би можел да се најде, како што предупреди Пјонгјанг, на патот на прелетување на севернокорејската ракета. Антиракетен систем, според јапонски медиуми, ќе биде распореден и во соседната област Ехима.

Во меѓувреме јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека ќе стори се што е во негова моќ за да го заштити јапонскиот народ и неговата безбедност и имот.

И Австралија е подготвена да се приклучи во евентуалниот конфликт со Северна Кореја, доколку се случи САД да бидат нападнати, изјави австралискиот премиер Малколм Тарнбул.

Според австралискиот премиер, неговата земја само ќе ги исполни своите обврски кон САД што произлегуваат од одредбите на договорот АНЗУС, потпишан уште во 1951 година.

Со овој договор меѓу САД, Австралија и Нов Зеланд, земјите потписнички се обврзуваат да си помагаат една на друга, во случај, која било од нив да биде воено нападната од надвор.

Претседателот на САД Доналд Трамп и францускиот претседател Емануел Макрон, пак, остварија телефонски разговор, при што се договорија дека ќе соработуваат за решавање на кризата со Северна Кореја, соопшти Белата куќа.

Во соопштението на Белата куќа се наведува дека, Трамп и Макрон разговарале за потребата да се соочат со опасната ситуација што произлезе од дестабилизираното однесување на Северна Кореја.

Целата оваа ситуацја со Северна Кореја придонесе рејтингот на американскиот претседател да се искачи за 6 процентни поени.

Процентот на Американци кои го поддржуваат Трамп е зголемен од 39 на 45 отсто, покажува анкетата што ја спроведе агенцијата „Расмусен Рипортс", наклонета на конзервативците.

Анкетата покажува дека поддршката на Трмап скокнала откако севернокорејскиот лидер Ким Јонг-Ун се закани дека ќе испука ракета во водите недалеку од Гуам, американска територија во Тихиот Океан.

Поврзани

Најнови вести

Коментари