Тилерсон: Санкциите ќе стојат сѐ додека има руски сили на Крим

Американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, е во посета на Виена од каде потенцираше дека санкциите кон Русија ќе останат се додека нејзините воени сили не бидат повлечени од Кримскиот полуостров.

Во своето обраќање на состанокот на Советот на министри, Тилерсон остро ја критикуваше улогата на Русија во украинскиот конфликт и изјави дека САД никогаш нема да прифатат „окупација и обид за анексија на Крим“.

„Санкциите на САД остануваат на сила додека Русија не ги повлече вооружените сили од Донбас“, порача Тилерсон.

Русија ги вооружува и обучува локалните сепаратисти, истакна шефот на американската дипломатија, додавајќи дека годинава во кризните подрачја се убиени повеќе луѓе во споредба со минатата.

„Ние мора да го почитуваме правото на секоја држава независно да ја одбере својата политичка иднина“, нагласи Тилерсон во врска со раководството на Украина.

Претходно и естонскиот министер за надворешни работи, Свен Миксер, ја критикуваше руската агресија против Украина.

„Нелегалната анексија на Крим придонесе за појава на нов мрачен период“, рече Миксер, додавајќи дека Москва мора да ги почитува своите меѓународни обврски и да го обнови територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари