Стејт департмент: САД од 31 декември ќе се повлечат од УНЕСКО

Соединетите Американски Држави од 31 декември ќе се повлечат од УНЕСКО, соопшти денеска Стејт департментoт.

- Не беше лесно да се донесе одлуката. Таа ја рефлектираше загриженоста на САД поради се поголемите неподмирени обврски во УНЕСКО, потребата за реформирање на таа организација од темел и постојаната пристрасност во УНЕСКО насочена против Израел, наведено е во соопштението од Стејт департментот.

Во соопштението се додава дека САД ќе настојуваат и натаму „да бидат ангажирани како земја не-членка со статус на набљудувач, со цел да придонесат со американските ставови, перспективи и експертиза".

Во име на УНЕСКО, реакција на одлуката на Вашингтон испрати генералната директорка Ирина Бокова.

- Откако го добив официјалното известување од државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон, како генерална директорка на УНЕСКО сакам да изразам длабоко жалење поради одлуката на САД да се повлечат од УНЕСКО, изјави Бокова.

Таа додаде дека одлуката на САД претставува „загуба за мултилатерализмот и севкупното семејство на ОН".

САД обезбедуваа 80 милиони долари годишно на УНЕСКО, што е речиси една петтина од буџетот на организацијата.

Поврзани

Најнови вести

Коментари