Спречен атентат врз британската премиерка Тереза Меј

Двајца мажи се обвинети дека планирале напад врз британската премиерка Тереза Меј, пренесуваат лондонските медиуми во средата наведувајќи полициски извори, а сослушувањето ќе биде одржано денеска во Лондон.

Дваесетгодишниот Наа'имур Закарија Рахман од Лондон и една година повозрасниот Мохамед Акиб Имран, жител на Бирмингем, планирале да извршат бомбашки напад во близина на безбедносните препреки околу Даунинг стрит, седиштето на британските премиери, а потоа со нож да ја нападнат премиерката Тереза Меј.

Од Скотланд јард одбиле да потврдат дека приведувањето на двајцата мажи е поврзано со обид за атентат врз премеирката. Весникот The Independent пишува дека Рахман и Имран подоцна во средата ќе бидат изведени пред судот во Вестминстер.

Шефот на британската служба за контраразузнавње MI5, Ендрју Паркер, ја потврди за повеќе медиуми оваа информација, прецизирајќи дека апсењето на двајцата осомничени се случило минатата седмица.

Претходно во вторникот Паркер на седницата на кабинетот на министрите информирал за спречување на девет терористички напади последнава година.

Во вторникот, исто така, министерката за внатреши работи Амбер Рад изјави дека „22 исламистички терористички заговори" се спречени по убиството на војникот среде улица во Лондон во мај 2015 година. Девет се спречени по нападот во март годинава на Вестминстерскиот мост и пред парламентот, додаде министерката.

Според британската полиција „во тек се повеќе од 500 антитерористички истраги кои вклучуваат повеќе од 3.000 лица". Претходно поради тероризам се истражени 20.000 лица.

Досега оваа година во Велика Британија беа изведени пет терористички напади.Најголемиот од нив се случи веднаш по завршувањето на концертот на американската поп пејачка Аријана Граннде во Манчестер на 22-ри мај, кога загинаа 22 лица, меѓу кои 12 деца.

Поврзани

Најнови вести

Коментари