Афера "Хакирање"

Русија прибирала компромитирачки материјал за Трамп, во игра се и проститутки?

На Обама, Трамп и сенаторите им се прикажани недокажани извештаи за дејствувањето на Москва против новиот лидер на САД

Доналд Трамп

Директорите на американските разузнавачки агенции минатата недела му презентирале на претседателот Барак Обама и на избраниот претседател Доналд Трамп недокажани извештаи дека Русија прибирала компромитирачки и валкани приватни информации за Трамп, изјавија двајца разузнавачи.

Детали од овој извештај почнаа да циркулираат минатата есен и им беа познати на новинарите и политичарите во Вашингтон, пишува Ал Џазира. Овие заклучоци се сведени на два листа хартија и се ставени како додаток на извештајот на разузнавачките агенции за руското хакирање на американските претседателски избори што им беше презентиран на Обама, Трамп и осум претставници на Конгресот.

Треба да се напомене дека овие податоци не се потврдени од независни извори, а приказната тргна од Си Ен Ен.

Овој додаток го сумира материјалот кој главно го подготви еден пензиониран британски разузнавач за една вашингтонска политичка и корпоративна фирма која прво била платена од републиканските ривали на Трамп, а подоцна и од следбениците на демократката Хилари Клинтон.

Материјалот содржи секс видео снимки вклучително и проститутки во друштво на Трамп за време на неговиот престој во Москва во 2013 година. Видео материјалот наводно бил подготвен како компромитирачки со можна цел уцена на Трамп во иднина.

Освен тоа, меѓу материјалите има и предлози за неколку деловни спогодби кои вклучуваат поткуп за во иднина да може да се влијае на одлуките на Трамп.

Се опишуваат и неколку наводни состаноци за време на претседателската кампања во 2016 година помеѓу претставници на Трамп и руски претставници кои разговарале за нешта од заеднички интерес, вклучително и руското хакирање на Демократскиот национален одбор и претседавачот на кампањата на Хилари Клинтон, Џон Подеста.

Споменатиот компромитирачки материјал за Доналд Трамп ФБИ го добил пред изборите, наводно републиканскиот сенатор Џон Меккејн лично му го дал на директорот на ФБИ Џејмс Коми, но ФБИ тоа никогаш не го потврди.

Првата реакција на Трамп на Твитер беше: "Лажни вести – во целост политички лов на вештерки!".

- САД ќе преземат дополнителни мерки како одговор на тврдењата дека руски хакерски напади влијаеле врз претседателската кампања, а неодамнешните потези се само почеток, изјави американскиот секретар за одбрана Еш Картер.

- Некои реакции се преземени. Разберете го тоа како почеток, а не крај, изјави Картер на прес-конференција во Пентагон.

Американскиот министер додаде дека одговорот на САД нема да вклучува само контрахакерски напади.

Дмитриј Песков

Кремљ: Немаме компромитирачки информации за Трамп

Москва во средата соопшти дека нема компромитирачки информации за новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, ниту за неговата ривалка Хилари Клинтон.

– Кремљ нема компромитирачки информации за Трамп, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ. Тоа е тотално блефирање, апсолутно фабрикување, целосна бесмислица, изјави Песков.

Тој додаде дека цел на таквите обвинувања е да се нанесе што поголема штета на американско-руските односи.

Поврзани

Најнови вести

Коментари