Според Евростат

Речиси 34 милиони луѓе во ЕУ се сметаат за мигранти

Од овој број 14,3 милиони се граѓани на Европската унија кои ја користат можноста за слободно движење, а помалку од 20 милиони потекнуваат од земји кои не се членки на ЕУ

Околу 34 милиони луѓе од вкупно 500 милиони колку што живеат во Европската унија, односно помалку од седум отсто се сметаат за мигранти.

Од овој број 14,3 милиони се граѓани на ЕУ кои ја искористиле можноста за слободно движење во рамки на Унијата, додека помалку од 20 милиони потекнуваат од земји кои не се членки на Унијата, пренесува АФП.

Некои помали земји членки на Унијата, предводени од најмалата – Луксембург, ги отворија своите врати сразмерно со нивната демографска големина.

Како што покажа истражувањето на Евростат, над 45 отсто од населението во оваа земја се странци, кои тука се доселиле привлечени од високиот животен стандард.

Потоа следуваат Кипар со 19,5 отсто странци, Латвија со 15,2 отсто, Естонија со 14, 9 отсто, Австрија со 12,5 отсто, Ирска со 11,8 отсто и Белгија со 11,3 отсто странци.

Во земјите од источна Европа помалку од еден отсто странци живеат во Полска, Романија, Хрватска и Летонија, а интересно е што најмногу Полјаци живеат во други земји од ЕУ.

Бројот на странски работници кои на кус временски период работат во земјите на ЕУ е изненадувачки мал, и покрај зголемувањето од 60 отсто од 2010 до 2015 година.

Најмногу такви работници има во Германија – над 418 илјади, а следуваат Велика Британија со 177 илјади и Белгија со 156 илјади.

Голем прилив на мигранти во ЕУ е забележан во 2015 и 2016 година, а повеќе од нив пристигнале од Сирија и Блискиот исток.

Според податоците од Меѓународната организација за миграции, над милион бегалци пристигнале во Европа, од кои речиси 850 илјади преку Грција и Егејското Море.

Од овој број, над половината се бегалци од Сирија, а повеќето други се од Авганистан.

Инаку, во последните два дена на грчките острови е регистриран значителен пораст на приливот на нови бегалци и мигранти што предизвикува загриженост кај грчките власти.
На Лезбос изминатиов викенд пристигнале 100 лица, на Хиос 230, додека на Самос не се регистрирани нови бегалци и мигранти.

Локалните власти на Хиос предупредија дека ако приливот на бегалци продолжи со овој интензитет, ситуацијата на островот „е на пат да излезе од контрола".

Бегалците и мигрантите на Хиос и Лезбос изминатиов викенд одржаа и протести по повод една година од потпишувањето на договорот меѓу ЕУ и Турција. Стотици бегалци и мигранти се изјаснија за поништување на договорот, за затворање на прифатните центри и бараа да им се обезбеди слободен пристап до Европа.

Според официјални податоци, на грчките острови викендот имало вкупно 8.607 мигранти и бегалци кои бараат азил во Грција и нивните барања се уште не се разгледани.

Истовремено, во 20-тина различни операции во текот на неделата во близина на бреговите на Либија, биле пресретнати и спасени речиси 3.000 мигранти, кои со разлини типови пловила тргнале кон Европа, соопшти италијанската Крајбрежна стража.

Само бродот „Аквариус", кој е изнајмен од организациите „СОС Средозмено Море" и „Лекари без граници", спасил 946 лица, меѓу кои имало и околу 200 деца без придружба.

Според податоците на италијанските власти, во периодот од 14 јануари, па до 17 март годинава, во водите на Средозменото Море меѓу бреговите на Либија и Италија биле пресертнати 16.206 мигранти.

Во истиот период лани, бројот на откриени илегални мигранти на пат кон Европа во истиот регион изнесувал 11.911.

Поврзани

Најнови вести

Коментари