Почина данскиот принц Хенрик

Данскиот принц Хенрик, сопруг на кралицата Маргарета Втора, починал во вторникот вечерта во својот дом, објави кралското семејство.

Принцот Хенрик имал 83 години и умрел во сон во замокот Фреденсборг, северно од Копенхаген. Кралицата и нивните синови биле со принцот во моментот на неговата смрт. Хенрик бил пренесен од болница во замокот за таму да ги мине своите последни денови.

Принцот бил хоспитализиран на крајот од минатиот месец поради инфекција на белите дробови, а во 2017-та година му била дијагностицирана деменција. Принцот Хенрик е роден во Франција во 1934-та година и се оженил со тогашната принцеза Маргарета во 1967-ма година.

Маргарета станала кралица во 1972-та година, а принцот Хенрик не го криел своето незадоволство поради тоа што не бил именуван за крал. Тој беше познат по својата љубов кон храната, виното и поезијата. Во 2016-та објави дека се пензионира и оттогаш честопати минуваше време во своето лозје во Франција.

Минатата година, официјални лица изјавија дека принцот не сакал да биде погребан заедно со кралицата поради долгогодишното незадоволство што не бил прогласен за крал. Притоа беше потенцирано дека Маргарета ја прифатила неговата одлука, со што се става крај на традиција долга 459 години.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари