Некои се извинија, некои не

Овие светски компании соработувале со Хитлеровите нацисти

Некои се извинија, а некои никогаш јавно не ја коментираа својата срамота. Сепак, факт е дека многу големи компании чиишто производи и денес ги купуваме тесно соработувале со нацистите во Втората светска војна. Меѓу нив нема само германски компании туку и американски

Хуго Бос

Модниот дизајнер бил член на Нацистичката партија во која влегол две години пред Хитлер да дојде на власт. Креирал униформи за СС единиците и за Хитлерјугенд – нацистичката младина, а ги шиеле логораши во злогласните концентрациски логори. Компанијата, која денес е еден од големите светски брендови, издаде формално извинување во 2011 година и ја финансираше книгата за нивните врски со нацистите.

Форд

Макс Волас, новинар кој го истражувал Холокаустот, напишал во неговата книга дека не бил само Хенри Форд под влијание на нацистите, туку бил и неговиот најстар син Едсел кој подоцна би бил обвинет за соработка со непријателот доколку не починал во 1943 година. Хитлер не го криел неговото воодушевување за Хенри Форд и тоа го овековечил во книгата "Мајн кампф" (Мојата борба), а портретот на Форд го чувал во својата канцеларија.

Мерцедес, Фолксваген и Ауди

Сопственикот на Мерцедес Дајмлер уште во 1986 година признал дека за нив работеле 40 илјади принудни работници во страшни услови за време на Втората светска војна. Во фабриката на Фолксваген во Волфсбург работеле 12 илјади заробеници, а денешниот Ауди некогашен Ауто Унион, користел 20 илјади заробеници од концентрациските логори во своите фабрики.

БМВ

Дури во 2011 година семејството Квант, сопственици на БМВ, признаа дека приграбувале еврејски фирми во Германија, користеле работна сила од логорите и соработувале со највисоките ешалони на нацистичката влада. Главата на семејството Гунтер Квант станал член на Нацистичката партија во 1933 година, а неговата поранешна сопруга Магда Ритшел се омажила за Јозеф Гебелс и заедно извршиле самоубиство откако претходно ги отрула шестте нејзини деца во бункерот на Хитлер во 1945 година. Во фабриките за оружје на Квант неколку непослушни работници биле погубени, а во неговата куќа за одмор работеле робови од Украина.

Шанел и Луј Витон

Авторот на книгата "Да спиеш со непријателот: Тајната војна на Коко Шанел" тврди дека таа била антисемит, хомофоб, и дека активно соработувала со нацистите за време на окупацијата на Париз. Исто така книгата "Луј Витон: Француска сага" открива дека оваа модна куќа имала силни врски со режимот на Виши и произведувале стока која го глорифицирала марша лот Филип Петен. Најстариот син на Луј Витон, Анри, наводно бил чест гостин на кафулињата што ги држел Гестапо.

Бајер

Фармацевтската компанија го произведувала отровниот гас "Циклон Б" кој нацистите го користеле за масовни убиства на Евреите и останатите во концентрациските логори. Користеле 83 илјади логораши за принудна работа само во текот на 1944 година.

Кодак

Компанијата најпозната по фотографската опрема на времето произведувала воена опрема и детонатори, а во времето на Втората светска војна работеле со нацистичка Германија, дури и долго време откако САД влегле во војна. Подоцна поради користење принудни работници уплатиле 500.000 долари во фондот за жртвите на принудна работа во нацистичка Германија.

Сименс

Уште во 1946 година Херман фон Сименс признал дека во фабриките користеле заробеници за принудна работа, но никогаш не беше обвинет поради тоа. Предизвикаа бура кога во САД се обидоа да го регистрираат името "циклон" (име на правосмукалка), кое многумина ги потсети на "циклон Б" злогласниот гас со кој беа убивани луѓе во гасните комори.

Поврзани

Најнови вести

Коментари