СТОРИЈА: Грабнувачите на загубениот сандак

Каде исчезна златото на Комунистичката партија на СССР?

Државните функционери тврдеа дека партиското злато всушност не ни постоело и секако јавноста беше скептична кон ваквите тврдења. Но, мистериозните умирања на тројца банкари не одговорија на главното прашање – каде исчезнаа парите?

За време на распадот на СССР во 1991 година имаше многу гласишта за судбината на златните резерви на Комунистичката партија. Одредени историчари сметаат дека некои партиски функционери собрале огромна количина пари и тајно ги префрлиле на сметки во странски банки, пишува РБТХ.

Комунистичката партија на Советскиот Сојуз (КПСС) секогаш била повеќе од обична политичка организација. Таа имала монопол врз власта до крајот на 1980-тите години. Централниот комитет и Политбирото (највисоките органи на партијата) постоеле како држава во држава. Многу функционери од овие структури уживале во привилегии кои не секогаш биле легални.

На почетокот од 1990-тите години, набргу по распадот на Советскиот сојуз, одредени извори тврдеа дека околу 10 милијарди долари од партиската каса исчезнале без трага. Повеќето граѓани на Русија беа убедени дека тие пари се украдени.

Поранешниот раководител на партиската младинска организација "Комсомол" Виктор Мироњенко во интервју рече дека КПСС непосредно пред распадот на Советскиот Сојуз поседувала 10 милијарди долари.

Изворите на тоа богатство биле различни, почнувајќи од месечни членарини од обичните членови (КПСС во 1990 година имал 19,5 милиони членови), па се до Државниот форнд за заштита на мирот, кој имал околу 4,5 милијарди рубљи (2,6 милијарди долари).

Тешко е да се каже дали Мироњенко е во право кога зборува за оваа сума оти партиските архиви биле одвоени од владиниот буџет и пристапот до тие податоци го имале само високите партиски функционери. На прашањето: Кој ги украде тие пари?, Мироњенко одговара: Немам поим. Не бев јас.

Виктор Герашченко, поранешниот директор на Државната банка на СССР во 2011 година потврди дека на сметките на Црнтралниот комитет имало многу пари, но сите тие пари мистериозно исчезнале во 1991 година.

Секако, ситуацијата изгледала прилично сомнително, особено по низата мистериозни умирања. Имено, на 26 август 1991 година, шест месеци пред распадот на Советскиот Сојуз, финансискиот директор на КПСС Николај Кручина, кој бил многу близок до Михаил Горбачов, паднал низ прозорец и загинал.

Неговиот претходник, Георгиј Павлов раководел со партискиот бизнис 18 години. И тој завршил на сличен начин како Кручина, само еден месец по него. Третиот банкар е Дмитриј Лисоволик. Тој раководел со Американскиот сектор на меѓународниот оддел на Централниот комитет на Комунистичката партија и исто така бил тесно поврзан со тековите на парите. И тој неколку дена потоа паднал низ прозорец.

И покрај ваквите необични околности, државните функционери тврдеа дека партиското злато всушност не ни постоело и секако јавноста беше скептична кон ваквите тврдења. Но, мистериозните умирања не одговорија на главното прашање – каде исчезнаа парите?

Љубопитството и чувството за правичност не беа најважните фактори кои ги поттикнаа руските лидери да го бараат партиското злато. Кога од пепелта на Советскиот Сојуз се роди нова Русија, нејзе парите и беа очајно потребни. Комунистичките милијарди тогаш би и биле добредојдени.

Јегор Гајдар, премиер во владата на претседателот Борис Елцин во 1992 година, дури и ангажирал приватни детективи од светски познатата американска агенција "Крол" за да ги пронајде парите. Гајдар зборувал дека руската влада ја сопрела потрагата оти Американците не нашле никакви важни податоци. На крајот руската влада воопшто не го објави извештајот од "Крол".

Што се случи со тие пари? Според една верзија, крадците можеле да го префрлат златото на тајни сметки во банки во Хонг Конг користејќи ги своите кинески врски.

Кон крајот на 1980-тите и почетокот од 1990-тите хонгконгшките банки анонимно управуваа со многу сметки и не соработуваа со меѓународните истражни тела во потрагата по сопствениците на сметките (за разлика од швајцарските банки).

Парите можеле да завршат на Кипар или во Либан. Ако парите не отишле во странство, тогаш златото одамна е поделено на помали суми и е префрлено во десетици банки ширум светот, што значи дека веројатно никогаш нема да биде пронајдено.

Постои претпоставка дека парите никогаш не биле изнесени од Русија. Високи партиски функционери ја предвиделе смртта на социјализмот па переле пари преку приватни компании кои се појавиле кон крајот на 1980-тите години, што резултирало со создавање на првите големи концентрации на приватен капитал во постсоветскиот период.

Единственото нешто што речиси со сигурност може да се каже во овој момент е дека никогаш нема да дознаеме што се случило со огромните пари на Комунистичката партија. Повеќето експерти се согласуваат дека парите не исчезнале преку добро организиран заговор на старите комунисти.

Секој се грижел само за себе и зел колку што можел штом бродот на социјализмот почнал да се ниша, и секому му била целта во новиот капиталистички поредок да си обезбеди себеси привилегирана позиција.

Поврзани

Најнови вести

Коментари