Шест години по првата револуција во низа

Гадафи е мртов - живее ли некој подобро заради тоа

По точно шест години од убиството на Муамер Ал Гадафи светот не е ист. Оттогаш, па наваму, во Либија се создаде ИСИЛ, се случија револуции во Украина, Сирија, Египет... пет милиони бегалци раселени во арапскиот свет и Европа. Од Гадафи и она што следеше по Либија светот извлече поуки.

Деновиве се навршуваат 6 години од денот кога во Либија на 20 октомври 2011 година беше убиен лидерот на таа држава Муамер Ал Гадафи. Тој немаше формална функција на шеф на државата или слична позиција, едноставно – беше водач на револуцијата и владееше со Либија од воениот преврат против либискиот крал Идриз во 1969 година, па се до својата смрт, во октомври 2011.
Дојде на власт по воениот удар, револуцијата во Либија која ја предводеше против кралот Идриз кој либиските извори на нафта безмалку им ги подари на американските нафтни компании кои Либија по револуцијата ги национализираше. Нафтата ја определи судбината на Гадафи, поради неа дојде на власт, заради неа падна од власт и беше убиен – за изворите на нафта да се вратат под владеење на американските нафтни компании.

На 17 февруари 2011 година во Бенгази и неколку други градови низ Либија изби воен бунт против власта на Гадафи, набргу во март Советот за безбедност на ОН издаде резолуција за забрана на летови над Либија со што Гадафи го загуби правото да употребува авијација против бунтовниците, по што следеше тешка граѓанска војна и воена интервенција на САД, Велика Британија, Франција и Канада против војската на Гадафи, а за поддршка на бунтовниците при што за седум месеци беа изведени 26.000 воени летови и бомбардирање врз либиските воени и полициски сили под команда на Гадафи.
На 15 април таа 2011 година во Вашинтон пост се појави текст со изјави на лидерите Барак Обама, Никола Саркози и Дејвид Камерон со заклучок: Гадафи мора да замине – засекогаш. Крајот на либиската граѓанска војна уште тогаш беше извесен.
Крајот беше морничав. На 20 октомври Муамер Ел Гадафи беше заробен во близина на градот Сирт, свирепо убиен од бунтовниците, влечен низ улиците и неговото мртво тело изложено пред јавноста со денови, како доказ за победата и влевање страв за сите кои не се согласуваат со воениот терор на бунтовничките сили и новата власт во најава.
А новата власт во поделената Либија беа припадниците на ИСИЛ кои, потоа, од Либија своите акции и владеење го проширија во Ирак и Сирија, со добро познати последици.
На 31 октомври 2011, десетина дена по убиството на Гадафи, генералниот секретар на НАТО Андрес Расмунсен објави дека Либија е слободна дражава, и дека НАТО ја завршиле својата работа во Либија со што, според Расмунсен, била завршена една од најуспешните воени акции на НАТО.

По смртта на Гадафи и падот на неговата власт останаа околу 80.000 жртви од војната и НАТО бомбардирањата, како и два милиони бегалци и раселени лица.
Либиските градови Бенгази и Дарт од граѓанската војна па се до денес важат за први воени упоришта на ИСИС, места од кои потоа ИСИС преку Египет се појави во Ирак и Сирија создавајќи нова граѓанска војна и територија позната како нивни калифат.
Либија е етнички мешана и поделена земја, слично како поранешна Југославија, во која живеат над 20 племиња од кои седум доминираат, и меѓу кои и ден денес се води војна поради што Либија ни шест години по смртта на Гадафи нема стабилна власт која има контрола над целата територија, ниту закони кои владеат во цела Либија.
Пред војната Либија беше стабилна и најбогата држава во тој дел од арапскиот свет. Дури 58% од либиската индистрија беа нафтените извори, а 95% од нејзиниот извоз беше либиската нафта, најквалитетна нафта во светот.
Имаа околу 12.000 долари бруто годишен производ по жител, со исклучително голема стапка на писменост за арапскиот свет од околу 87% писмени. Либија, за разлика од богатите Саудиска Арабија, Кувајт или Катар не беше верски затворена исламска држава. Напротив, граѓански уредена со слободи поголеми од сите арапски држави од Катар или Египет, до Алжир и Мароко. Секој млад брачен пар од либиската држава добиваше стан, а талентираните можеа слободно да студираат во странство со тоа што либиската држава во целост ги покриваше сите нивни трошоци, од школарина до сместување и трошоци за живот. Либија имаше најниски даноци во арапскиот свет и големи социјални фондови.
Тоа беше Либија до Гадафи.

Денес Либија не е република. Уште по првата изјава во ноември 2011 година на Мустафа Абдел Џалил, шефот на Преодниот национален совет дека Либија ќе има закони согласно исламските правила беше јасно дека слободите, социјалната грижа за граѓаните и благосостојбата ќе бидат минато. Така и се случи.
Либија денес е во постојани воени судисри. На една страна се радикалните исламисти блиски до ИСИС, а на другите неколку страни поголемите племиња и формалната влада која држи под контрола околу половина на либиската територија, без стабилен буџет и план за работа но, со силна западна дипломатска и воена поддршка од која владата добива сила, но граѓаните немаат ниту една придобивка, особено не социјална и безбедносна.
За времето на Гадафи Либија произведуваше 1,5 милиони барели нафта дневно, денес се произведува помалку од половина, и тоа само доколку нема пукање во меѓувреме. Според проценките на Светска банка Либија има загуби од околу 10 милијарди долари годишно денес во однос на времето кога владееше Гадафи. За држава која пред падот на Гадафи имаше околу 6 милиони жители, а по бегалската криза денес има помалку од 5 милиони луѓе, 10 милијарди долари загуба секоја година се економска катастрофа.
Богатиот источен дел со нафтни полиња околу градот Бенгази и околината долго е под власт на локални исламски милиции кои владеат со нафтата, припаѓаат на ИСИС, и вршат терор врз сите, вклучително и американските политички претставници. Исламската група Андсар Ел Шари на 11 септември 2012 изврши терористички напад врз американскиот конзулат во Бенгази при што беше убиен и американскиот амбасадор Кристофер Стивенс.
Причината за нападот беше неприфаќањето на исламистите американски нафтни компании да владеат со изворите за нафта во соработка со тогаш новите преодни либиски власти поставени од западните сојуници.
Таа влада никогаш не завладеа дури ни во Триполи, па под притисок на приватните етнички милиции мораше да го напушти Триполи и да се пресели во Тобрук. Ги бркаа и од таму, па едно време либиската влада и парламент заседаваа на грчки изнајмен траект.

Шест години по Гадафи... каде е денес Либија?
Денес, за разлика од порано, нема пензии и редовни плати. За времето на Гадафи граѓаните не плаќаа здравство и школување, а не се плаќаа ни сметките за струја и вода кои денес се плаќаат од платите кои се три пати помали од некогаш.
Ако некој денес на јавно место спомне дека било подобро во времето на Гадафи без исклулок добива затвор и претепување.
Што добија над еден милион Либијци кои се бореа против Гадафи, во соработка со НАТО и локалните исламски радикали од ИСИС? Го добија она што денес го имаат: власт без Гадафи, држава без власт и поредок, десетици локални војски и милиции, пофалби од странство, а за себе... за граѓаните - ништо. Само несигурност, сиромаштија и гнев.
Граѓаните кои се бореа против Гадафи се изборија за сопствена пропаст и несигурност.

Летото во 2011 Гадафи му се обрати на тогашниот француски претседател Саркози со изјава која ја пренесе, а и запамети целиот свет: Не ја уривајте Либија, ако Либија падне Европа ќе се соочи со силна исламистичка вооружена војска и со милиони бегалци кои ќе бидат поголема закана за Европа од било која арапска држава денес.

Поврзани

Најнови вести

Коментари