Вонредни седници на сите организации

Ерусалим е главен град на Израел, а вие бунете се колку сакате

И покрај заканите и драматичните предупредувања, Соединетите Американски Држави го признаа Ерусалим за главен град на Израел. Палестинскиот претседател Махмуд Абас вели дека тоа ги поништува сите права САД да бидат медијатор во Израелско- палестинските мировни преговори. Осуда и жестоки реакции на муслиманските земји од Блискиот исток, a Израел се заблагодари.

Советот за безбедност на Обединетите Нации свика вонредна седница откако американскиот претседател Трамп еднострано го призна Ерусалим за израелска престолнина. Состанокот е на барање на осум од 15 земји-членки од Советот. Генералниот секретар на Организацијата Антонио Гутереш предупреди дека статусот на Ерусалим се решава исклучиво со разговори меѓу Израел и Палестина. Според резолуцијата 2334 од 23 декември 2016 година, Советот не признава промена на границите од 1967 година, освен доколку е постигнат договор со преговори.

„Уште од првиот ден на оваа функција се противам на какви било еднострани мерки со кои се загрозува шансата за мир за Израелците и Палестинците. Во овој период на неизвесност, сакам да појаснам дека не постои алтернатива за дводржавно решение. Не постои план Б", изјави генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш.

Критики за потегот на Белата куќа стигнуваат и од Европската унија и од арапските земји.

„Сите бараме Трамп да ја отповика одлуката. Палестина е окупирана територија, признаена со резолуција на ОН, а Ерусалим е дефиниран како главен град на оваа окупирана територија", вели Маџед Ал Фитјани, Револуционерен совет на Фатах.

„Ова е против сите меѓународни закони и против правата на Палестинците. Ерусалим секогаш ќе биде арапско-исламски град. Исламските нации се незадоволни од случувањата зашто ќе се одразат негативно врз мировниот процес и регионалната стабилност", изјави Махер Салах, член на Хамас.

Американскиот државен секретар Тилерсон потврди дека Стејт департментот ги активира подготовките за преселбата на американското дипломатско претставништво од Тел Авив во Ерусалим.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изрази благодарност и нагласи дека соработката со Вашингтон проодлжува се додека не биде остварен сонот за мир.

„Веќе 70 години, Ерусалим е наш главен град, а 3.000 години е центар на нашата надеж, соништа, и молитви. Одлуката на претседателот Трамп е чекор напред кон постигнувањето мир. Ги повикувам сите земји да им се придружат на САД и да ги преместат своите амбасади во Ерусалим. Во Израел секогаш ќе има место и за евреите, и за христијаните и за муслиманите", изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Процесот може да трае со години поради одредувањето на локацијата и изградбата на новиот амбасадорски комплекс. Се зголемувааат и безбедносните мерки за заштита на Американците на Блискиот Исток.

Поврзани

Најнови вести

Коментари