Ердоган со закана до САД: Не ја почувствувале моќта на отоманскиот удар

Одлуката на САД да продолжат со финансирањето на силите на курдската милиција YPG во Сирија ќе влијае врз одлуките на Турција, рече претседателот Реџеп Таип Ердоган пред посетата на американскиот државен секретар, Рекс Тилерсон, во текот на неделава.

Американски официјални претставници најавија дека Тилерсон го очекуваат проблематични разговори за време на посетата на Турција во четврток и петок, бидејќи интересите на двете земји, инаку сојузници на НАТО, драстично се разликуваат во поглед на ситуацијата во Сирија.

Турција е разочарана од поддршката која YPG ја добива од САД, што Анкара ја смета за терористичка организација и продолжена рака на Курдската работничка партија (PKK). Вашингтон, пак, ја поддржува YPG како сојузник во борбата против Исламска држава во Сирија.

„Одлуката на нашиот сојузник да обезбеди финансиска поддршка за YPG сигурно ќе влијае на нашите одлуки“, рече Ердоган при обраќањето до членовите на владејачката партија АК во парламентот.

Турција минатиот месец започна операција во Сирија за отстранување на YPG од својата јужна граница. Турските власти порачаа дека ќе продолжат со операцијата кон сирискиот град Манбиџ, кој е под контрола од силите на YPG и ги предупредија американските сили да не ја попречуваат акцијата.

Вашингтон пак објави дека нема намера да ги повлече своите трупи од Манбиџ.

„Јасно е дека оние кои велат дека тие агресивно ќе реагираат доколку нѐ нападнете, никогаш не ја почувствувале моќта на отоманскиот удар“, рече Ердоган.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари