На предизборен собир

Ангела Меркел: Вреди да се бориме за посилна Европа

Ако зајакне Европа, ќе зајакне и Германија, порача германската канцеларка додавајќи дека германското членство во ЕУ е еден од најважните извори на германската сила

Обраќајќи се на предизборен собир на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во источногерманскиот град Цингст, германската канцеларка се заложи за засилена борба за едниство на Европската унија, најавувајќи дека заедно со новиот француски претседател во таа борба ќе дадат нови импулси.

Таа ја истакна подготвеноста да работи на јакнење на европската интеграција како составен дел од нејзината програма доколку на парламентарните избори во септември во Германија го освои и четвртиот мандат.

Нарекувајќи го германското членство во ЕУ еден од најважните извори на германската сила, Меркел рече дека минатогодишната одлука за Брегзит а потоа и изборите во Холандија и Франција, во кои проевропските сили ги победија популистичките кандидати, го промениле нејзиното гледање на работите.

-Последниве месеци стана јасно дека Европа претставува повеќе од бирократија и економски правила, рече Меркел на собирот на ЦДУ во градот на Балтичкото Море.

-Кај многумина, па така и кај мене, нешто се промени кога видовме дека Британците сакаат да излезат, кога стравувавме поради изборите во Холандија и Франција, рече Меркел додавајќи дека затоа се исплатува борбата за Европа.

-Таа борба не смее да им се препушти само на пратениците во Европскиот парламент, додаде таа.

Истовремено, Меркел призна дека ЕУ воопшто не е совршена и дека Брисел понекогаш премногу е бирократски настроен.

-Но во последните неколку месеци сфативме дека Европа е повеќе од бирократска и економска регулатива, дека Европа и заедничкиот живот во рамките на ЕУ има врска со војната и мирот, дека децениите мир воспоставени по Втората светска војна би биле незамисливи без Европската унија, истакна Меркел.

-Многу луѓе во минатото ја земаа Европската унија здраво за готово, нештата како слободата на говорот, слободата на вероисповеста и слободата на движење, рече Меркел, која растела во комунистичката поранешна Источна Германија. –Ова се уште го нема во многу делови од светот. И затоа вреди да се бориме за Европа, истакна таа.

Истовремено Меркел објасни дека напредокот на Европската унија е и во полза на Германија.

-Ако зајакне Европа, ќе зајакне и Германија, заклучи Мекрел која последниве денови заедно со францускиот претседател Емануел Макрон даде импулси за реформа на еврозоната и за воведување заеднички министер за финансии за ова монетарно подрачје.

Како што е најавено, првите чекори во таа насока Германија и Франција сакаат да ги преземат заеднички по парламентарните избори во Германија кон крајот на септември.

Поврзани

Најнови вести

Коментари