Денеска ќе биде познат првиот финалист на Евробаскетот

Словенија пред најголемиот предизвик наречен Шпанија

Двете непоразени селекции на ова првенство вечерва од 20:30 часот во арената "Синан Ердем" ќе бркаат пласман во големото финале кое е закажано за в недела (20:30 ч.)

Репрезентациите на Шпанија и Словенија ќе ги одмерат силите во полуфиналето на Европското кошаркарско првенство. Двете непоразени селекции на ова првенство денеска од 20:30 часот во арената "Синан Ердем" ќе бркаат пласман во финалето, в недела (20:30 ч.).

"Фуријата" во 1/4 финалето беше подобра од Германија со 84:72, и сега е се поблиску до одбрана на титулата. Германската машинерија уште еднаш се покажа како незгоден ривал во првите 25 минути, но потоа на големата сцена настапија браќата Гасол, По и Марк, кои ја збришаа за помалку од пет минути. Марк постигна 28 поени, додека повозрасниот 19 коша.

Во текот на целиот натпревар игравме добро во одбраната. Ја игравме својата препознатлива игра. Единствено почетокот на мечот бевме малку статични, а противникот знаеше да го казни тоа. Но, потоа, покажавме моќ на теренот, погодивме неколку удари кон кошот и дојдовме до предноста која не можеа да ја стигнат до крајот на мечот. Искуството во ваквите натпревари нема никаква врска, ова се емотивни натпревари. Ние повеќе пати сме играле вакви натпревари, а покажавме дека сакаме уште, бидејќи нашите амбиции се големи, изјави Марк.

Селекцијата на Словенија, пак, во полуфинале се пласираше откако славеше во дуелот против Летонија со 103:97. Ова е второ полуфинале во историјата за Словенија.

Постојано се говори за тоа како различни генерации играат во иста репрезентација, а таков е случајот и со тимот предводен од Игор Кокошков. На едната страна е младиот кошаркар Лука Дончиќ (18), додека на другата кошаркарот кој е во залез својата кариера, Зоран Драгиќ (31). Тоа што оваа двојка го направи на Евробаскетот покажа дека е репер за големи дострели. Но, ова е нивни прв и последен заеднички настап за репрезентацијата, бидејќи Драгиќ најави повлекување по завршувањето на првенството. Тој на овој меч постигна 26 коша, додека кошаркарот на Реал (М) еден поен повеќе.

Ова беше нервозен натпревар за двата тима, бидејќи добивката беше полуфинале. Очекував остри дуели, но нашите глави останаа ладни и на крајот заслуживме да победиме. Оваа победа многу ни значи, бидејќи по втор пат во историјата се пласиравме во полуфинале. Играме против одличната Шпанија, па останува да видиме што ќе се случи. Мораме максимално да се подготвиме за она што претстои, истакна Драгиќ.

Поврзани

Најнови вести

Коментари