МОЛСКАВИЧНА АКЦИЈА НА ГЕРМАНСКАТА ПОЛИЦИЈА

Сергеј В. го изврши бомбашкиот напад врз фудбалерите на Борусија

Веднаш по нападот, полицијата пронајде писмо во кое одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава, но неколку часа подоцна полицијата потврди дека се сомнева во автентичноста на писмото

Германското обвинителство потврди дека е уапсено лицето кое е осомничено за бомбашкиот напад кој се случи на 11 април во Дортмунд, кога со експлозивна направа беше погоден клупскиот автобус на бундеслигашот Борусија од Дортмунд.

Обвинителството прво откри дека станува збор за лице кое е родено во Русија, но поседува германско државјанство, но потоа потврди дека е уапсен 28-годишниот Сергеј В. Се претпоставува дека лицето употребило експлозивна направа поради финансиски причини.

Веднаш по нападот, полицијата пронајде писмо во кое одговорноста за нападот ја презеде Исламската држава, но неколку часа подоцна полицијата потврди дека се сомнева во автентичноста на писмото.

Германските медиуми информираат дека уапсеното лице, било сместено во истиот хотел во кој биле сместени и фудбалерите на Борусија од Дортмунд и дека неговата соба гледала на улицата каде беше поставена експлозивната направа.

При бомбашкиот напад, најлошо помина шпанскиот интернационалец Марк Бартра, но по извршениот хируршки зафат, централниот дефанзивец беше пуштен на домашно лекување.
Сергеј В. е уапсен во близина на југозападниот германски град Тибинген, а пред неколку дена, против него е започната истрага поради обид за убиство.

Според весникот "Билд", уапсеното лице сакало да ја напали цената на акциите на Борусија од Дортмунд и на таков начин да заработи поголема парична сума.

Поврзани

Најнови вести

Коментари