РК Вардар: Мечот со Динамо подготовка за Рајн Некар

Актуелниот европски и СЕХА шампион, Вардар, утре во рамките на 7.коло во регионалната лига, ќе го пречека тимот на Динамо од Панчево.

Дуелот со една од најслабите екипи во СЕХА конкуренцијата доаѓа по мечот кој „црвено-црните“ го играа во Загреб во Лигата на шампионите, а пред пресметката со Рајн Некар во елитната конкуренција.

„Малку сме уморни и немавме време многу за подготовки за овој натпревар. Ние сме фаворити, играме во Скопје. Очекувам да играме интензивно, и треба да победуваме на сите мечеви. Не знаеме како ќе бидат играчите, имаме денеска тренинг и ќе видиме на тренинг. Имавме интензивен меч во саботата. Но, сега треба да се фокусираме на СЕХА лигата“, изјави тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Вардар во СЕХА лигата, сметајќи го и финишот на минатата сезона, се наоѓа во серија од 12 победи, а од стартот на новата сезона избраниците на Раул Гонзалес победија на 13 од 14 натпревари. Динамо Панчево, од друга страна, во шесте одиграни натпревари има забележано само една победа.

„Ние сме фаворити на тој натпревар, треба да го почитуваме противникот и да играме сериозно. Тие се релативно непознати за нас, Немавме време за подготовки, но ако играме мотивирано нема да има проблеми“, рекол капитенот на екипата, Стојанче Стоилов.

Натпреварот се игра утре во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 17:45 часот.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари