Амбасадорот на Суперкупот очекува спектакл на "Филип Втори"

Пандев посака дуел помеѓу Манчестер Ј. и подобриот од Барса и Јуве

Лично би сакал во Скопје да гледаме натпревар меѓу Манчестер Јунајтед, како победник на Лигата на Европа, и некоја од екипите на Барселона или Јувентус, како освојувач на Лигата на шампиони, изјави капитенот на македонската фудбалска репрезентација

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев, беше промовиран за амбасадор на УЕФА Суперкупот, кој ќе се одржи во Скопје на 8. август. Тој не го криеше задоволството за добиената чест да има важна улога кога е во прашање овој голем фудбалски спектакл, а откри и дека посакува, на националната арена "Филип Втори" да истрчат фудбалерите на англискиот премиерлигаш Манчестер Јунајтед, како побединици во Лигата на Европа и тие на калчолигашот Јувентус или шпанска Барселона, кои прво треба да го освојат трофејот во Лигата на шампиони.

Голема благодарност за укажаната улога и чест ми е што имам можност да бидам амбасадор во финале на две најдобри европски екипи во оваа година. Ова е еден од најголемите настани во фудбалот и среќен сум што е во нашата Македонија. Лично би сакал во Скопје да гледаме натпревар меѓу Манчестер Јунајтед, како победник на Лигата на Европа, и некоја од екипите на Барселона или Јувентус, како освојувач на Лигата на шампиони. Како и да е, знам дека ќе бидеме добри домаќини за секоја екипа која и да дојде. На моите пријатели од Јувентус и нивните навивачи, ако бидат тие победниците во ЛШ ќе им порачам дека Македонија е прекрасна земја во која ги чека топло добредојде, изјави Пандев.

Дека "црвените ѓаволи" важат за најпосакувана екипа, што се однесува до тимовите кои се натпреваруваат во второто по ранг натпреварување, потврди и претседателот на Фудбалската федерација на Макдеонија, Илчо Ѓорѓиоски.

Доколку ме прашувате мене, јас посакувам атрактивната двојка за дуелот во Скопје, а тоа да биде пресметка помеѓу Манчестер Јунајтед и Баерн Минхен, додаде Ѓорѓиоски.

Поврзани

Најнови вести

Коментари