Кометал ЃП прослави 15 – години од освојување на евроската титула

Легендите повторно се собраа на едно место и ја запеаја „Кометал шампионе"!

Љубителите на ракометот се уште добро се сеќаваат на 19 мај, 2002 година, кога во преполното „Кале" тимот на Кометал ЃП и ја донесе првата и засега единствена титула европски шампион на Македонија. Во големото финале падна Херц, кој на домашен терен победи со два гола, кои сепак беа премалку да се преживее македонскиот пекол.

По тој повод сопственикот на клубот Трифун Костовски, ја собра златната генерација која ја сочинуваа: Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мими Чупиќ, Адријан Будимир, Луминица Дину, Наталија Тодоровска, Олга Бујанова, Лариса Кисељева, Анџела Платон... кои со многу емоции се уште зборуваат за наголемиот успех во својата кариера.

-Успехот кој овие девојки го донесоа во Скопје е огромен. Тие го дадоа својот максимум да остане трофејот во Скопје. Тоа е убавина. По 15 години од тој успех, секој 19 мај за мене е емотивен празник. Полн со љубов и емоции. Горд сум, на тој ден во Македонија немаше Македонец кој не беше горд на нив. Благодарност до девојките, благодарност до сите кои беа инспиратори на ова дело. Исто и до медиумите, кои го направија сето тоа успешно, Кометал ЃП да го добие тој статус што го има сега. Тој ден, секој Македонец се чувствуваше како да е на Олимп. Кометал нека биде првата освоена титула, но не и последна, изјави Костовски.

Кометал ЃП беше бренд на македонскиот ракомет и ги држи речиси сите рекорди. Тимот има 17 титули во македонското првенство, како и 16 во Купот на Македонија. Во Лигата на шампионите покрај европската круна во 2002 година, играше уште две финалиња (2000 и 2005), четири четврт-финалиња и пет осминафиналиња.

Нацева: На се се сеќавам како да беше вчера

Капитенот на Кометал ЃП, Гордана Нацева по повод 15-годишнината од европската шампионска титула ги сподели своите сеќавања за 19. мај 2002 година кога сонот стана јаве

Се сеќавам на секој миг од тој ден. Од карантинот на Средно Водно, од моментите кога тлееше нервозата и на доручекот и на ручекот. Потоа пред натпреварот дојде кај нас господинот Трифун Костовски и ни даде дополнителен елан, и силно мотивирани се впуштивме во салата во Кале. Се сеќавам дека беше пеколно во салата... Навивачите ја исполниле салата уште два часа пред почетокот на мечот, а уште толкав број и пред неа. Одигравме феноменално. Пред неколку денови се сретнав и со тогашниот претседател на Ференцварош, кој призна колку моќна екипа беше Кометал. Ја освоивме титулата, а по натпреварот заврна. Но, тоа никому не сметаше. Ние директно од сала, и нетуширани, отидовме на плоштад..., а таму пред 30-40.000 луѓе ги доживеав најубавите моменти во мојот живот. Тогаш Македонија живееше за Кометал, беше обединета, знаевме што сакаме и затоа успеавме. Благодарност до фамилијата Костовски за сето тоа што ни се овозможи, благодарност и до целата македонска јавност и до медиумите кои секогаш беа со нас пружајќи ни максимална поддршка. Колку е тешко да се стигне до таков успех потврдува и фактот што ете сето тоа не е повторено во Македонија цели 15 години, изјави Нацева.

Поврзани

Најнови вести

Коментари